1Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!
2Така да велат избавените од Господа, оние што ги избавил од непријателска рака.
3И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето.
4Тие скитаа по безводната пустиња и нигде пат ниту населен град не најдоа;
5трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив,
6но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Он ги избави од нивните неволји
7и го поведе по правиот пат, за да одат кон населен град.
8Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки:
9зашто Он ја насити гладната душа, и душата гладна ја исполни со блага.
10Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо;
11бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се притивеа на волјата на Севишниот.
12Он го понизи нивното срце во мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне.
13Тогаш во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од маките нивни;
14ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни,
15Нека го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки,
16зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скриши железните резиња.
17Неразумните страдаа поради своите лоши патишта и поради неправдите свои!
18Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.
19Но во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од неволјите нивни;
20го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст.
21Нека Го прославуват Господа за милоста Негова спрема синовите човечки!
22Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост.
23Оние што тргнуваат по море на кораби, што имаат работа по големите води –
24тие ги гледаат делата на Господа и чудесата Негови во длабочините.
25Он рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови;
26се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата;
27тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува.
28Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господа, и Он ги изведе од маките нивни.
29И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа.
30Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Он ги упати кон нивното сакано пристаниште.
31Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки!
32Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините!
33Он создава реки во пустиња, и водни извори – на суви места,
34земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа.
35Он претвори пустиња во езеро, а сува земја – во земја – со водни извори;
36таму насели гладни, а тие изградија град за живеење;
37засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови.
38Он ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивни Он не им го намалуваше.
39Тие беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата.
40Он изли бесчестие над кнезовите и ги остави да скитаат по пустињата, каде што нема патишта.
41Но бедниот го извлекува од сиромаштија, го умножува родот негов како овчо стадо.
42Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја нечесност си ја затвора устата своја.
43Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.