1Соломон потоа науми да изгради дом на името Господово и царски дом за себе си.
2И собра Соломон седумдесет илјади носачи и осумдесет илјади каменоделци во горите и надгледници над нив – три илјади и шестотини.
3Па испрати Соломон да му кажат на тирскиот цар Хирама: »Како што правеше со татка ми Давида и му испраќаше кедар, за да си изгради дом за живеење, така направи и со мене.
4Еве, јас градам дом на името Господово, мојот Бог, да го посветам Нему, за да се кади пред Него миризливо кадиво, да се поставуваат постојано лебови на предложението и да се принесува таму сепалненици наутро и навечер, и во саботите, новомесечијата и празниците на Господа, нашиот Бог, што му е заповедано засекогаш на Израилот.
5Домот, што го градам, е голем, зашто голем е нашиот Бог, погоре е од сите богови.
6Та кој може Нему да Му изгради дом, кога небото и небесата на небесата не можат да ја соберат Неговата слава? И кој сум јас, па да можам да Му изградам дом, освен за кадење пред лицето Негово?
7Па така, испрати ми сега човек, што знае да прави изработки од злато, од сребро, од бакар и од железо и од пурпурна, црвена и сина преѓа, и кој знае да реже за да работи заедно со уметниците, какви што има во Јудеја и во Ерусалим, а коишто ги приготви татко ми Давид.
8И испрати ми кедрови дрва и кипарис и невгово дрво од Ливан, зашто знам, дека твоите слуги умеат да сечат ливански дрвја. И ете, моите слуги ќе одат со твоите слуги,
9за да ми подготват многу дрва, зашто домот, што го градам, е голем и величествен.
10А на дрводелците, твоите слуги, што ќе ги сечат дрвјата, ќе им дадам за храна: дваесет илјади мери пченица и дваесет илјади мери јачмен, дваесет илјади мери вино и дваесет илјади мери елеј.«
11И Хирам, царот тирски, одговори со писмо, кое му го испрати на Соломона: »Затоа што го засака Својот народ, Господ те постави за цар над него.«
12И уште рече Хирам: »Благословен Господ, Бог Израилев, Кој го создал небото и земјата и му дал на Давида син мудар, учен и разумен, кој се готви да Му гради дом на Господа и дом царски за себеси.
13Па така, ти испраќам човек умен, надарен со знаења, слугата мој Хирама,
14син на жена од Давидовите ќерки, а татко му е Тирец; тој знае да прави изработки од злато и од сребро, од бакар и од железо, од камен и од дрво, од пурпурна и сина преѓа, од висон и од багреница и да реже секаква резба и да прави сѐ, што ќе му биде порачано, заедно со твоите уметници и со уметници на мојот господар Давида, твојот татко.
15А пченицата и јачменот, елејот и виното, што ги ветуваш, испрати ги, господаре мој, на своите слуги.
16Ние, пак, ќе насечеме дрва од Ливан колку што ти треба, и ќе ги донесеме на скели по морето во Јафа, а ти ќе ги пренесеш во Ерусалим.«
17И ги собра Соломон сите придојдени, што беа тогаш во Израилската земја, според пописот што го беше направил татко му Давид, – и излегоа сто и педесет и три илјади и шестотини.
18Од нив Соломон определи седумдесет илјади за носачи, осумдесет илјади за каменоделци во горите и три илјади и шестотини за надгледници, за да настојуваат народот да работи.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.