1Првосвештеникот Симон, коленичејќи пред светилиштето, ги подигаше рацете и се молеше вака:
2»Господи, Господи, Царе на небесата и Господару на секое создание. Ти си свет меѓу светиите, Сесилен и Седржител! Погледни милостиво на нас, кои сме измачувани од овој безбожник и незнабожец, исполнет со горда дрскост и сила.
3Зашто Ти, Кој си создал сѐ и Кој управуваш со сѐ, Ти си справедлив Господар: Ти им судиш на оние што дејствуваат гордо и дрско.
4Ти некогаш ги погуби оние што вршеа беззаконие; меѓу нив имаше и исполини, кои се надеваа на својата сила и храброст; ним им испрати преголеми води.
5Ти ги изгори Содомците со оган и со сулфур, нив, ко живееја гордо и беа прочуени со своите порочни дела, покажувајќи им ги како пример на потомците.
6Ти го казни дрскиот Фараон со многу и тешки казни, него што го беше поробил Израилот, твојот свет народ; Ти ја јави Твојата власт и му ја покажа Твојата сила,
7и кога тој потрча по народот, Ти го потопи во морските длабочини, него, неговите бојни коли и неговиот народ; и на оние што се надеваа во Тебе, Господарот на секое создание, Ти им помогна да преминат неповредени, па кога ги видоа Твоите дела, делата на Твоите раце, Те прославија Тебе Седржителот.
8Ти, Царе, Кој си ја создал оваа безгранична и неизмерлива земја, Ти го избра овој народ и го освети ова место за Твоја слава, Ти, Кој од ништо немаш потреба, го прослави со Твоето јавување и го направи да биде за слава на Твоето велико и многупочитувано име.
9Од љубов кон домот на Израилот, Ти ни вети дека, ако нѐ снајде некакво зло или ако бидеме од некого измачувани, па ако дојдеме на ова место и Ти се помолиме, дека ќе ја чуеш нашата молитва.
10Ти си верен и вистински, зашто многупати, кога нашите татковци беа во неволја, Ти им помагаше во нивното страдање и ги избавуваше од големи опасности.
11Ете и ние, Свети Царе, поради нашите многу големи гревови, страдаме, им се покоруваме на нашите непријатели и сме истоштени.
12Во ваква наша положба овој безбожник се обидува да го оскверни ова свето место, кое му е посветено на славата на Твоето свето име.
13Зашто, макар што е Твоето жиевалиште, небото на небесата, недостижно за нас луѓето, Ти посака да му ја покажеш Твојата слава на Израилот со тоа што му го освети ова место.
14Не одмаздувај се на нас заради нивната нечистотија, не казнувај нѐ за осквернувањето, за да не се фалат попусто безбожниците во своите мисли и да се големеат во гордоста со јазикот свој велејќи: ‚Ние го понизивме домот на светињата, како што се понизува и домот на нечистотијата.‘
15Прости ни ги нашите гревови, прости ни ги нашите неправди и покажи ни ја Твојата милост во овој час; скоро нека дојде Твојата милост на нас. Дај ни сила на нас паднатите, за да можеме да те прославуваме, дај ни нам, на духовно паднатите и огорчени, во срцето мир.«
16Тогаш Бог, Кој гледа сѐ и Светиот над сите светии, кој ја ислуша смирената молитва, го порази оној, што настојуваше насилно и дрско, го залула де на една и де на друга страна, како ветрот што лула трска, го кутна така што, лежејќи неподвижен на подот, со раслабнати раце и нозе, не можеше ни гласот свој да го подигне, – него го постигна Божјиот суд.
17Тогаш неговите луѓе и телохранители, откако ја видоа оваа ненадејна и тешка казна што го постигна, плашејќи се да не биде лишен и од живот, бргу го изнесоа надвор, поразени и самите тие од необичниот страв.
18По извесно време, откако дојде на себеси со претрпената казна, тој сепак не се покаја, туку си отиде со свирепи закани.
19Откако се врати во Египет, почна да ги намножува делата на својата злоба, заедно со своите пријатели на гозбите, заборавајќи секаква правда, и не се наситуваше на своите безбројни срамни дела, туку ги проколнуваше Евреите; многумина од неговите пријатели, следјќи го неговиот пример, и тие го правеа истото, за да му угодат.
20Најпосле одлучи јавно да го посрами јудејскиот народ, па стави столб врз кулата на својот дворец, а до столбот постави идол со овој натпис: »Кој не принесува жртви, тој не треба да влегува во своите свети места; а сите Евреи да бидат преброени како прост народ и да бидат запишани како робови, а оние што се противат, да бидат насила доведувани и убивани.
21И запишаните да бидат обележени, на телото да им биде жигосан знакот на Дионисиј, а потоа во таква состојба да ги упатат со ограничени права.«
22Но, за да не биде замразен од сите, тој во натписот го додаде и ова: »Ако некој од нив посака да живее според овдешните обреди, ним да им се дадат подеднакни права како на александриските граѓани.«
23Затоа, некои, поради граѓанските права, ја презреа побожноста на татковците и брзо се предадоа, за да можат, општејќи со царот, да бидат удостоени со секаква голема слава.
24Но поголемиот дел од нив се зацврстија со мажествен дух и не се откажаа од побожноста; тие ги даваа своите пари за да го откупат својот живот и без страв се обидуваа да се спасат од пребројувањето, имајќи надеж дека ќе добијат помош, и се оддалечуваа од предавниците, сметајќи ги за непријатели на својот народ и одбегнуваа со нив секаков допир и пријателски односи.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.