Исаија 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Безвластие во Ерусалим како казна на народот.

1Ете, Господ, Господ Саваот ќе го одземе од Ерусалим и од Јуда жезалот и помошта, секоја поткрепа во леб и вода,

2храбар водач и војник, судија и пророк, јасновидец и старец,

3петдесетник и големец, советник, мудар уметник и вешт гатач.

4Ќе им дадам момчиња за началници, и деца ќе владеат над нив.

5А во народот еден ќе угнетува друг, и секој својот ближен; момче бесрамно ќе се прави голем пред старец и простак – пред големец.

6Тогаш човек ќе се фати за братот свој, во челадта на татка си свој и ќе рече: »Ти имаш облека, биди ми водач, и овие урнатини нека бидат под твоја рака.«

7А тој со клетва ќе рече: »Не можам да ги излекувам раните на народот; и во мојата куќа нема ни леб, ни облека: не правете ме водач на народот.«

8Така пропаднал Ерусалим, и падна Јуда, зашто јазикот нивни и делата нивни се против Господа, навредливи пред очите на Неговата слава.

9Изразот на лицето нивно сведочи против нив, а за гревот свој тие кажуваат отворено, како содомците, не кријат: тешко на душата нивна! Сами на себеси навлекуваат зло.

10Кажете му на праведникот: »Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои;

11а на беззаконикот – тешко нему, оти ќе има отплата за делата на рацете свои.

12Притеснители на Мојот народ се децата, и жени владеат над него. Народе Мој, твоите водачи те доведуваат до заблуда и го растуриле патот, по кој одиш.«

13Се крена Господ на суд – и стои, за да им суди на народите.

14Господ влегува во суд со старешините на Својот народ и со неговите кнезови: вие го опустошивте лозјето; ограбеното од сиромасите е во вашите куќи.

15»Зошто го притеснувате народот Мој и ги угнетувате сиромасите?« вели Господ, Господ Саваот.

16Потоа рече Господ: »Поради тоа што ќерките сионски се гордеат и одат со исправени вратови, што освојуваат со погледите, и ситно одат и со веришки на нозете тропкаат.«

17Господ ќе го оголи темето на ќерките сионски, и ќе го открие срамот нивни;

18во оној ден Господ ќе ги одземе убавите веришки на нозете, секакви ѕвездички и месечинки,

19обетки, ѓердани и ладила, превези, гривни и појаси, стакленца со мириси и уметнички украси,

20прстење и алки за нос,

21горна облека и долна, шамичиња и торбички,

22светли тенки наметки, забратки и покривала.

23И наместо пријатен мирис ќе има смрад и место појас – јаже, место кадрени коси – ќелави глави, наместо широка наметка – тесно вреќиште, место убавина – жигосување.

24Мажите твои ќе паднат од меч, а јунаците твои во битка,

25и портите на престолнината ќе воздивнуваат и ќе плачат, а таа ќе седи напуштена на земјата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help