Судии 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Племето Даново го освојува Лаис.

1Во тие денови Израилот немаше цар; и во тоа време, пак, Дановото племе си бараше дел, каде да се насели, зашто дотогаш не му беше паднал полн дел меѓу Израилевите племиња.

2И Дановите синови испратија од племето свое петмина храбри мажи, од Сарај и Естаол, за да ја прегледаат земјата и да ја испитаат, и им рекоа: »Одете, проучете ја земјата!« Тие дојдоа во Ефремовата гора близу до домот на Миха и таму ноќеваа.

3Откако влегоа во домот на Миха, тие го познаа гласот на младиот левит, влегоа таму и го прашаа: »Кој те доведе овде? Што правиш тука? Зошто си овде?«

4Тој им одговори: »Тоа и тоа направи за мене Миха, ме најми, и јас сум му свештеник.«

5Тие тогаш му рекоа: »Прашај го Господа Бога, за да знаеме, успешен ли ќе биде патот наш, по кој сме тргнале.«

6Свештеникот им рече: »Одете со мир; пред Господа е патот ваш, по кој сте тргнале.«

7И петмината мажи тргнаа, и дојдоа во Лаис, и видоа дека тамошниот народ живее спокојно, според обичајот на Сидонците, дека е тих и безгрижен, и дека нема во оваа земја, кој да онеправда во нешто, или да има власт: тој народ живееше далеку од Сидонците и со никого немаа никаква работа.

8И кога се вратија кај браќата свои во Сарај и Естаол, и браќата нивни ги запрашаа: »Што направивте?«

9Тие одговорија: »Станете да одиме против нив; ние ја видовме земјата, таа е многу убава. Што, вие се двоумите? Не задржувајте се и тргнете да ја завладееме таа земја;

10а кога ќе тргнете, ќе дојдете кај еден народ безгрижен, и таа земја е широка; Бог ја предава во ваши раце; местото е такво, што нема скудности во ништо, што дава земјата.«

11И тргнаа оттаму, од Сарај и Естаол, шестотини души од Дановото племе вооружени.

12Тие тргнаа и се улогорија во Киријат-Јарим, во Јудеја. Затоа и до денес она место го нарекуваа Даанов логор. Тој е од онаа страна на Киријат-Јарим.

13Оттука тие тргнаа кон Ефремовата гора и дојдоа при домот на Миха.

14И петмината мажи, што беа оделе да ја прегледаат земјата Лаис, им рекоа на браќата свои: »И дали знаете, дека во еден од тие домови има ефод, серафим, идол и излеана статуа? И така, помислете, што да се прави.«

15И навратија таму и влегоа во домот на младиот левит, во домот на Миха, и го поздравија.

16А шестотините Данови синови, вооружени, стоеја кај вратата.

17Петмината, пак души, што беа оделе да ја обиколат земјата, отидоа, влегоа таму, го зедоа идолот и ефодот, серафимот и излеаната статуа. А свештеникот стоеше кај вратите со шестотините души, вооружени.

18Кога влегоа во домот на Миха и го зедоа идолот, ефодот, серафимот и излеаната статуа, свештеникот им рече: »Што правите?«

19Тие му одговорија: »Молчи, стави ја раката на устата своја и оди со нас и биди ни татко и свештеник; подобро ли ти е да бидеш свештеник во домот на еден човек, отколку да бидеш свештеник во Израилево племе и род?«

20Свештеникот се зарадува, го зеде ефодот, серафимот и идолот и излеаната статуа, и тргнаа со народот.

21Тие свртија и тргнаа, и ги испратија напред децата, добитокот и тешките предмети.

22Кога се оддалечија од домот на Миха, Миха и жителите од домовите, соседи на Миховиот дом, се собраа и се втурнаа по Дановите синови

23и викаа по Дановите синови. Дановите синови се свртија и му рекоа на Миха: »Што ти е, што викаш толку?«

24Миха одговори: »Ми ги зедоте боговите, што бев ги направил, и свештеникот, и си заминавте. Што ми остана уште, па велите: што ти е?«

25А Дановите синови му рекоа: »Да не се чуе гласот твој повеќе, инаку, некој од нас, ако се налути, ќе те нападне, и ти ќе си ја загубиш душата своја и челадта своја.«

26И Дановите синови тргнаа по патот; а Миха, откако виде, дека се тие посилни од него, си тргна назад и се врати во домот свој.

27А тие откако го зедоа она, што го беше направил Миха, и свештеникот, кој беше со него, отидоа во Лаис против спокојниот и безгрижен народ, и го поразија со меч, а градот го изгореа со оган.

28Немаше кој да помогне, зашто тој беше оддалечен од Сидон и со никого немаше работа. Тој гред се наоѓаше во долината, што е близу до Вет-Рехов. И изградија одново град и се населија во него.

29откако го нарекоа градот со името Дан, според името на татка си Дан, Израилевиот син; а порано тој град се викаше Лаис.

30И Дановите синови си поставија идол; Јонатан, пак, синот на Гирсона, Манасиев син, тој и синовите негови, беа свештеници во Дановото племе сѐ до денот, кога жителите на онаа земја сѐ преселија;

31и си имаа идол, што беше напарвен од Миха, за сето време, додека домот Божји се наоѓаше во Силом.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help