1Затоа Господ го исполни својот збор, кој го беше изрекол против нас и против нашите судии, кои му судеа на Израилот, и против нашите цареви, и против нашите кнезови и против секој Израилец и Јудеец,
2дека ќе испрати врз нас големо зло и проклетство, какво што немаше под целото небо, како што направи во Ерусалим според она што е напишано во Мојсеевиот закон,
3дека ние ќе ги јадеме – еден телото на својот син, а друг – телото на својата ќерка.
4Он ги направи поданици на сите царства околу нас, да бидеме за подбив и проклетство кај сите околни народи, меѓу кои ги распрсна Господ.
5Се најдовме долу, а не на врвот, затоа што згрешивме пред Господа, нашиот Бог, и не го слушавме Неговиот глас.
6Правдата е во Господа, нашиот Бог, а кај нас и кај нашите татковци – срам по лицата како денес.
7Нас нѐ постигнаа сите оние зла, кои Господ ги изрече против нас.
8Не се молевме пред лицето на Господа, да го одврати секого од помислите на неговото лошо срце.
9Господ ги следеше тие зла што ги испрати на нас, зашто Он е праведен во сите свои дела што ни ги заповеда.
10Но ние не го слушавме Неговиот глас, за да живееме според Неговите заповеди, кои ни ги даде пред нашето лице.
11И сега, Господи, Боже Израилев, Ти Кој го изведе Твојот народ со силна рака од Египетската земја, со знаци и чуда, со голема сила и со Твојата крената мишка и Си создаде име како денес,
12ние згрешивме, постапувавме беззаконо и неправедно пред сите Твои заповеди, Господи, Боже наш!
13Гневот Твој нека се одврати од нас, зашто само малкумина останавме меѓу народите, меѓу кои нѐ распрсна.
14Господи, чуј ја нашата молитва и нашата молба, и избави нѐ заради Тебе и подари ни милоста пред лицето на оние, кои нѐ преселија,
15та целата земја да познае дека Ти Господи, си нашиот Бог, оти Твоето име се призовува над Израилот и неговиот род.
16Погледај, Господи, од светиот Твој дом и спомни си за нас; наклони го Твоето уво, Господи, и послушај нѐ!
17отвори ги Твоите очи и погледни, зашто мртвите во подземниот свет, чиј дух е земен од нивната внатрешност, нема веќе да Го прославуваат Господа и нема да Му благодарат;
18туку само душа нажалена, поради зла, што оди наведната и натажена, со очи без светлина и изгладнета, само таа ќе Те прославува и ќе говори за Твојата правда, Господи!
19Господи, Боже наш, не ја принесуваме оваа наша молба пред Твоето лице според правдата на нашите татковци и на нашите цареви;
20Ти ги испрати врз нас Твојот гнев и Твојата лутина, како што беше говорел преку Твоите слуги, пророците.
21Вака вели Господ: »наведнете ги вашите рамена за да му работите на вавилонскиот цар, и ќе живеете во земјата, што им ја дадов на вашите татковци;
22ако, пак, не го послушате гласот на Господа, за да му служите на вавилонскиот цар,
23Јас ќе направам во јудејските градови и во ерусалимската околина да исчезне гласот на веселба и радост, глас на младоженец и глас на невеста и по целата таа земја нема да остане трага од жители.«
24Но ние не го послушавме Твојот глас, за да му служиме на вавилонскиот цар и Ти ги исполни Твоите зборови, кои ги говореше преку Твоите слуги, пророците, дека коските на нашите цареви и коските на нашите татковци ќе бидат исфрлени од своето место.
25И, еве, тие се исфрлени на дневниот пек и на ноќниот студ, а умреа од лоши болести, од глад, од меч и од прогонство.
26Ти го остави домот, кој го носи Твоето име и го направи она што е тој денес, поради беззаконието на домот Израилев и на домот Јудин.
27Ти, Господи, Боже наш, со нас постапи според Твојата голема добрина и според Твојата голема милост;
28како што рече преку Твојот слуга Мојсеја во оној ден, кога му заповеда да го напише Твојот закон за синовите Израилеви, со овие зборови, велејќи:
29»ако не го послушате гласот Мој, ова големо и многубројно множество народ секако многу ќе се намали меѓу народите, меѓу кои ќе го расеам.
30Јас знам, дека тие нема да Ме послушаат, зашто се тврдоглав народ, но во земјата на своето прогонство ќе се обратат кон своето срце,
31ќе познаат дека Јас сум нивниот Господ Бог. Јас ќе им дадам срце, и ќе разберат и уши – и ќе чујат.
32Ќе Ме прослават во земјата на своето преселение, ќе си спомнат за Моето име,
33и ќе се одвратат од жестокоста своја и од лошите дела; ќе си спомнат за своите татковци, кои згрешија пред Господа.
34И Јас ќе ги вратам во земјата, која со клетва им ја ветив на нивните татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, и тие ќе владеат со неа; тогаш ќе ги умножам и нема веќе да се намалуваат.
35И ќе склучам со нив вечен завет: Јас ќе им бидам нивни Бог, а тие ќе ми бидат Мој народ. И нема веќе да го изгонам Мојот народ, Израилот, од земјата, која сум им ја дал.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.