1 Летописи 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид се одмаздува за срамот нанесен од Амонитите.

1Потоа умре Нас, цар амонитски, и место него стана цар синот негов.

2Тогаш Давид рече: »Ќе покажам милост кон Анона, Насовиот син, заради доброто, што ми го направи таткото негов.« И Давид испрати пратеници да го утешат за татка му. Давидовите слуги дојдоа во земјата Амонитска при Анона, за да го утешат.

3Но амонитските кнезови му рекоа на Анона; »Зар мислиш, дека поради почит кон татка ти Давид испрати при тебе утешители? Зар слугите негови не дошле при тебе за да разузнаат и да ја разгледаат земјата, та да ја завладеат?«

4Тогаш Анон ги фати слугите Давидови и ги избричи и им ја потсече облеката до половина, до крстот, и ги испрати.

5И тие си отидоа. Кога му соопштија на Давида за тие луѓе, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа необично многу обезличени, за да им кажат од царот: »Останете во Јерихон, додека да ви пораснат брадите, тогаш вратете се!«

6Кога Амонитите видоа, дека му станале омразни на Давида, тогаш Анон и Амонитите испратија илјада таланти сребро, за да најмат коли и коњаници од Сирија Месопотамиска, од Сирија Махова и од Сува.

7И најмија триесет и две илјади коли и царот Маха со народот негов, кои дојдоа и се улогорија спроти Медева. Се собраа и Амонитите од градовите свои и излегоа на војна.

8Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета војска – јунаци.

9Амонитите излегоа и се наредија за борба пред градските порти, а царевите, што беа дошле, – одделно во полето.

10Јоав, откако виде, дека му претстои борба однапред и одзади, ги одбра сите избрани војници во Израилот и ги нареди спроти Сиријците.

11А другиот дел од народот му го довери на братот свој Авеса, за да се распореди спроти Амонитите.

12И тогаш рече: »Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ќе ми помогнеш ти; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти помогнам.

13Биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, и Господ нека направи, како што Му е угодно.«

14И влезе Јоав и луѓето, што беа со него, во борба со Сиријците, и тие избегаа од него.

15Амонитите, пак, штом видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа и тие од братот негов Авеса, и навлегоа во градот. Тогаш Јоав си отиде во Ерусалим.

16Сиријците, откако видоа, дека се победени од Израилците испратија пратеници и ги изведоа Сиријците, што беа од онаа страна на реката; ги предводеше Софак, воен првоначалник Адраазаров.

17Кога му соопштија за тоа на Давида, тој ги собра сите Израилци, го преминаа Јордан и, откако дојде кај нив, се распореди спроти нив. И влезе Давид во борба со Сиријците, и тие се судрија со него.

18И Сиријците избегаа од Израилците, и Давид им уништи седум илјади коли на Сиријците, и четириесет илјади пешаци, а воениот првоначланик Софака го уби.

19Кога видоа луѓето Адраазарови, дека Израилците ги поразија, со Давида склучија мир и му се потчинија. И Сирјиците не сакаа повеќе да им помагаат на Амонитите.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help