1Смее ли некој од вас, кога има тужба против друг, да се суди пред неправедни, а не пред светиите?
2Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи?
3Не знаете ли дека ангели ќе судиме? А колку повеќе за работите од овој свет?
4А кога имате тужби за работи од овој свет, за судии земете ги од црквата оние, кои се унизени!
5За ваш срам велам: зар меѓу вас нема ниеден мудар, кој може да пресуди меѓу браќата свои?
6Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници!
7Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата?
8Но вие сами ги навредувате и оштетувате, и тоа браќата свои.
9Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците,
10ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо.
11А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог.
12Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене.
13Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе го уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господа, и Господ – за телото.
14А Бог и Господа Го воскресна, и нас ќе нѐ воскресне со силата Своја.
15Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови? Ќе ги земам ли членовите Христови и да ги направам членови на блудница? Тоа никако!
16Или, пак, не знаете, дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: »Обата ќе бидат едно тело«.
17А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него.
18Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело.
19Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси?
20Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
