Ппророк Језекиил 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Израилевата непослушност порано и сега.

1Во седмата година, петтиот месец, десеттиот ден од месецот, дојдоа некои Израилеви старешини да Го прашаат Господа и седнаа пред мене.

2И би слово Господово до мене:

3»Сине човечки, зборувај со старешините Израилеви и кажи им – вака вели Господ Бог: сте дошле да Ме прашате? Жив да сум Јас – нема да ви дадам одговор, вели Господ Бог.«

4Сакаш ли да се судиш со нив, сакаш ли да се судиш, сине човечки? Кажи им ги гадотиите на нивните татковци;

5и кажи им – вака вели Господ Бог: »во оној ден кога го избрав Израилот и кога ја подигнав раката Своја, се заколнав во племето на домот од Јакова, и им се открив во земјата Египетска, и кога ја подигнав раката им реков: ‚Јас сум Господ, вашиот Бог‘.

6Во оној ден, кога ја подигнав раката Своја, Јас им се заколнав дека ќе ги изведам од земјата Египетска во земја, која Јас ја избрав за нив, и во која тече мед и млеко, украс на сите земји.«

7И кажи им: Отфрлете ги сите гадотии од вашите очи и не се осквернувајте со египетските идоли – Јас сум Господ, вашиот Бог.

8Но тие се возмутија против Мене и не сакаа да Ме слушаат; никој не се откажа од гадотиите на очите свои и не ги остави египетските идоли. А Јас реков: ќе го излијам врз нив гневот Свој, ќе ја исцрпам врз нив јароста Своја среде Египетската земја.

9Но Јас постапив така заради името Мое, па тоа да не се хули пред народите, меѓу кои тие се наоѓаат и пред чии очи Јас им се открив, за да ги изведам од Египетската земја.

10И Јас ги изведов од земјата Египетска и ги доведов во пустињата,

11им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои човекот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив;

12им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат, дека Јас сум Господ што ги осветува.

13Но домот Израилев се побуни против Мене во пустињата: не постапија според Моите заповеди и ги отфрлија Моите наредби, преку кои човекот, ако ги исполнува, би можел да биде жив, и Моите саботи ги нарушија – и Јас реков – ќе ја излијам врз нив Својата јарост во пустињата, за да ги истребам.

14Но Јас постапив заради Моето име, та да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов.

15Дури и кога ја подигнав раката против нив во пустињата, се заколнав, дека нема да ги воведам во земјата, која бев им ја определил – во која тече мед и млеко, украс на сите земји,

16заради тоа што ги отфрлија Моите наредби, не постапија по Моите заповеди и ги нарушуваа Моите саботи; оти нивното срце чезнееше повеќе кон идолите нивни.

17Но Моето око се смили и не ги погуби; и Јас не ги истребив во пустиња.

18Им зборував на синовите нивни во пустињата: »Не одете по правилата на татковците ваши, не пазете ги уредбите нивни и не осквернувајте се со идолите нивни.

19Јас сум Господ, вашиот Бог: постапувајте според Моите заповеди, пазете ги уредбите Мои и исполнувајте ги.

20Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете, дека Јас сум Господ, вашиот Бог.«

21Но и синовите се побунија против Мене – не постапуваат по Моите заповеди и уредбите Мои не ги пазат, не го исполнуваат она преку кое човекот, откако ќе го исполнува, ќе биде жив; ги нарушуваат Моите саботи – и Јас реков: ќе го излијам врз нив Својот гнев, ќе ја исцрпам над нив Мојата јарост во пустињата;

22но јас ја отклонив раката Своја и заради името Мое постапив инаку, за да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов.

23Исто така, кога ја подигнав раката Своја во пустињата, се заколнав дека ќе ги расфрлам меѓу народите и развеам по земјите,

24бидејќи тие Моите наредби не ги извршуваа, заповедите Мои ги отфрлија и ги нарушуваа Моите саботи, а очите нивни се свртуваа кон идолите на нивните татковци.

25Им дозволив закони и наредби што не се добри, од кои тие не можеа да бидат живи,

26им допуштив и да се осквернуваат со своите жртвени приноси, кога почнаа да префрлуваат преку оган секој прв плод од утробата, за да ги разорам, па да знаат, дека Јас сум Господ.

27Затоа зборувај му на домот Израилев, сине човечки, и кажи му – вака вели Господ Бог: »еве со што уште Ме хулеа вашите татковци, кога вероломно постапуваа против Мене:

28Јас ги одведов во земјата, која со клетва им ја ветив дека ќе им ја дадам, откако ја подигнав раката Своја, а тие, штом здогледаа по некој висок рид и некое разгрането дрво, почнаа таму да ги колат своите жртви и ги ставаа таму своите приноси за мене со навреда и своите благопријатни кадива, извршувајќи ги таму и своите преливи.

29А Јас им реков – каква е таа височинка, каде што одите? Затоа таа и до ден денс се вика Бама.«

30Ете затоа, кажи му на домот Израилев – вака вели Господ Бог: Зар не се осквернувате по примерот на вашите татковци и зар не блудстувате со нивните гадотии?

31Принесувајќи ги даровите свои и префрлувајќи ги синовите свои преку оган, вие се осквернувате со сите ваши идоли до овој ден – па сакате да Ме прашате ли, доме Израилев? Жив да сум Јас, вели Господ Бог, нема да ви одговорам.

32И она, што ви паѓа на ум, никако нема да се изврши. Вие велите: »ќе му служиме на дрвото и на каменот како незнабошците, како племињата од други земји.«

33Жив да сум Јас, вели Господ Бог; со силна рака и протегната мишка, изливајќи јарост, ќе господарам над вас.

34И ќе ве изведам Јас од кај народите и од земјите, по кои сте распрастани, и ќе ве соберам со силна рака и со протегната мишка, изливајќи јарост.

35И ќе ве доведам во пустињата на народите и таму ќе се судам со вас лице во лице.

36Како што се судев со татковците ваши во пустињата на Египетската земја, така ќе се судам и со вас, вели Господ Бог.

37И ќе ве преведам под стап и ќе ве ставам во оковите на заветот.

38И ќе ги одделам од вас отстапниците и непокорните. Ќе ги изведам од земјата, каде што живеат, но во земјата Израилева тие нема да влезат, – и ќе познаете, дека Јас сум Господ.

39А вие, доме Израилев, така вели Господ Бог – секој од вас оди при идолите свои и им служи, не слушајќи Ме Мене, но не осквернувајте го повеќе светото име Мои, со вашите дарови и со вашите идоли,

40зашто на Мојата Света Гора, на високата планина Израилева – вели Господ Бог – таму ќе Ми служи сиот Израилев дом, целиот, колку што го има на земјата; таму ќе ги примам со благоволение и таму ќе ги побарам приносите ваши и првините ваши со сите ваши светињи.

41Ќе ве примам како благопријатно кадиво, кога ќе ве изведам од народите и ќе ве соберам од земјите, по кои сте распрснати и ќе се светам во вас пред очите на народите.

42Па ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ве воведам во земјата Израилева – во земја, за која се заколнав на татковците ваши, откако ја подигнав раката Своја.

43И ќе се сетите таму за вашите патишта и за сите ваши дела, со кои се осквернувавте, па ќе се гадите од самите себе, за сите ваши злодела, што сте ги вршеле.

44И ќе познаете дека Јас сум Господ, кога ќе почнам да постапувам со вас заради името Свое, не според вашите лоши патишта и вашите развратни дела, доме Израилев, вели Господ Бог.

45И би слово Господово до мене:

46»Сине човечки, сврти го лицето свое на патот кон југ и кажи збор против пладнето и искажи пророштво врз гората во полето јужно.

47И кажи ѝ на јужната гора: чуј го словото Господово – така вели Господ Бог: Еве Јас ќе запалам во тебе оган и тој ќе го проголта секое зелено дрво и секое суво дрво во тебе; и нема да угасне разбаботениот пламен, и тој ќе изгори сѐ од југ до север.«

48И секое тело ќе види, дека Јас, Господ Бог, го запалив и тој нема да угасне.

49А Јас реков: »О, Господи Боже, тие велат за мене: – не зборува ли приказни?«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help