Неемија 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Неемија ги ослободуваше сиромашните од државни давачки.

1Се крена голем врисок од луѓето и нивните жени, против Јудејците, браќата нивни.

2Имаше едни, кои велеа: »Ние, синовите наши и ќерките наши сме многу; и ние би сакале да си набавиме жито, да се храниме и да живееме.«

3Имаше и такви, што велеа: »Ги заложуваме нивните свои, лозјата свои и куќите свои, за да си набавиме жито при оваа глад.«

4Имаше и такви, кои велеа: »Ние позајмуваме сребро за царскиот данок за нивите и лозјата свои;

5ние имаме исто тела, какви што се телата на браќата наши, и синовите ни се такви, какви што се нивните синови, а ете, ние сме должни да ги даваме синовите свои и ќерките свои за слуги, а, пак некои наши ќерки веќе се наоѓаат во ропство. Нема никакви средства за откуп во рацете наши; и нивите наши и лозјата наши се во рацете на големците.«

6Кога го чув нивниот врисок и тие зборови, многу се јадосав.

7Срцето мое се возбуди, и јас строго ги искарав првенците и војводите, велејќи им: »Вие земате лихва од браќата свои.« И свикав против нив големо собрание,

8па им реков: »Ние според силите свои ги откупуваме браќата свои Јудејци, продадени на народите, а вие ги продавата браќата свои, и тие ни се продаваат нам?« Тие молчеа и не знаеја, што да одговорат.

9Тогаш реков: »Не е добро што правите. Нели треба да одите во страв пред нашиот Бог, за да го одбегнете потсмевот на народите, нашите непријатели?

10И јас и браќата мои и оние што служат при мене им даваме на заем и сребро и жито: да им го простиме тој долг.

11Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозјата нивни и маслиновите градини нивни, и куќите нивни, и лихвата од среброто, житото, виното и елејот, што сте го зеле од нив.«

12А тие одговорија: »Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш.« Тогаш ги повикав свештениците и им заповедав да дадат клетва, дека ќе направат така.

13Па ја истресов облеката своја и реков: »Така да го истресе Бог секој човек, што нема да го одржи тој збор, од домот негов, од имотот негов, и така да биде во него истресено и празно сѐ!« И целото собрание рече: »Амин!« и го прославија Бога; и народот го одржа тој збор.

14Од тој ден, кога бев определен за нивни управител во Јудејската земја, од дваесеттата година до триесет и втората година на царот Артаксеркс, во текот на дванаесет години, јас и браќата мои не јадевме управителски леб.

15А поранешните управители, што беа пред мене, го оптоваруваа народот и земаа од него жито и вино, освен четириесетте сикли сребро; дури и слугите нивни владееја над народот. Но јас не правев така поради страв Божји.

16Притоа јас ги поттикнував работите кај овој ѕид; и ниви не купувавме, а сите мои слуги се собираа таму на работа.

17При мене на трпезата имаше по сто и педесет души Јудејци и началници, освен оние што доаѓаа при нас од околните народи.

18И, еве, што се приготвуваше за еден ден: еден бик, шест одбрани овци и птици се готвеа кај мене; и секои десет дена се набавуваа различни вина во изобилие. И при сето тоа јас не сакав управителски леб, зашто тешка работа лежеше врз тој народ.

19Боже мој, спомни ме мене за сето добро, што го направив за овој народ!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help