3 Царства 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Царевите Ила, Замвриј, Амвриј и Ахав владеат над Израилците; царот Ахав и пророкот Илија.

1И би слово Господово кон Анаиевиот син Јуј за Васа:

2»Поради тоа што те издигнав од правот и те направив водач на мојот народ Израилот, а ти тргна по патот на Јеровоама и го наведе на грев Мојот народ Израилот, за да Ме разгневува со гревовите свои, –

3ете, Јас ќе го отфрлам домот на Васа и домот на потомството негово и ќе направам со твојот дом така, како и со домот на Наватовиот син Јеровоама:

4кој од Васовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птици небески ќе го исколваат.«

5Другите дела на Васа, и сѐ што извршил, и подвизите негови, опишани се во летописите на израилските цареви.

6Васа почина при татковците свои и беше погребан во Терса. А место него стана цар синот негов Ила.

7Но преку Ананиевиот син Јуј беше веќе кажано словото Господово за Васа, за домот негов и за сето зло, што го беше извршил пред очите на Господа, разгневувајќи Го со делата на рацете свои, постапувајќи како Јеровоамовиот дом, за што беше истребен.

8Васовиот син Ила стана цар над Израилот во Терса во дваесет и шестата година на јудејскиот цар Аса и царуваше две години.

9Против него стана Замвриј, неговиот слуга и старешина на половината комора, кога се беше напил во Терса, во домот на Арса, надзорник на дворецот во Терса.

10Замвриј влезе, го удри и го уби во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и стана цар место него.

11Кога стана цар и седна на престолот него, тој го истреби целиот дом на Васа, не оставајќи му го ни она што мокри до ѕид, ни роднините негови, ни пријателите негови.

12Замвриј го истреби целиот Васов дом, според словото на Господа, што го беше изрекол Он за Васа преку пророкот Јуј,

13за сите гревови на Васа и за гревовите на синот негов Ила, што го вршеа тие самите и со кои го наведоа во грев Израилот, дразнејќи Го Господа, Бога Израилев, со своите идоли.

14Другите дела на Ила, и сѐ што беше извршил, се опишани во летописите на израилските цареви.

15Замвриј стана цар во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и царуваше седум дена во Терса, кога народот го опседнуваше Гаваон филистејски.

16Кога народот, што го опседнуваше, дозна дека Замвриј направил заговор и го убил царот, истиот ден во логорот сите Израилци го зацарија над Израилов војводата началник Амврија.

17Амвриј и сите Изараилци со него отстапија од Гаватон и ја опседнаа Терса.

18Кога Замвриј виде дека градот е преземен, влезе во царскиот дом, го потпали над себе царскиот дом и загина,

19поради своите гревови, со кои беше згрешил, вршејќи го она што беше неугодно пред очите на Господа, одејќи по патот на Јеровоама и во гревовите негови, што тој ги изврши, за да го наведе во грев Израилот.

20Другите дела на Замврија и заговорот негов, што беше го направил, се опишани во летописите на Израилските цареви.

21Тогаш Израилскиот народ се раздели на два дела: половината народ беше со Гонатовиот син Тамниј, за да го направи цар него, а другата страна со Амврија.

22Надвладеа народот, што беше со Амврија, над народот, кој беше со Гонатовиот син Тамниј; но Тамниј умре, а цар стана Амвриј.

23Амвриј стана цар над Израилот во триесет и првата година на јудејскиот цар Аса и царуваше дванаесет години. Тој царуваше во Терса шест години.

24Амвриј ја купи од Семира гората Самарија, за два таланта сребро, изгради на гората град и го нарече Самарија – според името на Семира, сопственикот на гората.

25И Амвриј вршеше, што не беше угодно пред очите на Господа, и постапуваше полошо од сите свои претходници.

26Тој во сѐ одеше по патот на Наватовиот син Јеровоама и во гревовите негови, со кои тој ги наведе на грев Израилците, за да Го разгневат Господа, Бога Израилев, со своите идоли.

27Другите дела на Амврија, што ги направил, и јунаштвото, што го покажал, се опишани во летописите на израилските цареви.

28Амвриј почина при татковиците свои и беше погребан во Самарија, а место него стана цар синот негов Ахав.

29Амвриевиот син Ахав стана цар над Израилот во триесет и осмата година на јудејскиот цар Аса, и Амвриевиот син Ахав царуваше во Самарија над Израилот дваесет и две години.

30И Амвриевиот син Ахав го вршеше она што не му беше угодно пред очите на Господа повеќе од сите свои претходници.

31Не беше доволно тоа што тој западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоама, туку си ја зеде за жена Језавела, ќерката на сидонскиот цар Етавал, и почна да му служи на Ваала и да му се клања;

32и му подигна на Ваала жртвеник во Вааловото светилиште, што го беше изградил во Самарија.

33Ахав направи дубрава, направи и повеќе од сите израилски цареви што беа пред него. Ахав го правеше она што Го лутеше Господа, Бога Израилев и душата своја ја погуби.

34Во негово време Ветилицот Ахил го изгради Јерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите негови и врз најмалиот син Сегува ги постави портите негови, според словото на Господа, што Он го беше изрекол преку Навиновиот син Исуса.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help