1А сега вака вели Господ, Кој те создал Јакове, и Кој те образувал, Изариле: не плаши се, зашто Јас те откупив, те нареков според името твое; ти си Мој.
2Преку води ли ќе минуваш, Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори.
3Зашто Јас сум Господ, Бог твој, Светецот Израилев, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Савеја ги дадов за тебе.
4Бидејќи си скап во очите Мои, многу си ценет; Јас те возљубив, затоа ќе дадам други луѓе за тебе, и народи за твојата душа.
5Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе те соберам.
6На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои – од краиштата земни,
7секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, ги создадов и направив.
8Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши.
9Нека се соберат сите народи заедно, нека се соединат племињата. Кој од нив го претскажал тоа? Нека соопштат што било во почетокот; нека доведат сведоци од себеси и да се оправдаат, за да може да се чуе и да се каже: »вистина е.«
10А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има.
11Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене.
12Јас предреков и спасив, однапред претскажав а друг немате, вие сте Мои сведоци, оти Јас сум Бог – вели Господ;
13од почетокот на дните Јас сум ист, никој нема да се спаси од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа?
14Така вели Господ, вашиот Изкупител, Светецот Израилев; заради вас испратив во Вавилон и ги исфрлив сите резиња на затворите и Халдејците, кои се гордееја со кораби.
15Јас сум Господ, вашиот Светец, Создателот на Израилот, вашиот Цар.
16Така вели Господ, кој отвори во морето пат, по разбранувани води – патека.
17Кој изведе бојни коли и коњи, војска и сила; сите легнаа наедно, не станаа; угаснаа, како фитил истлееја.
18Но вие не се сеќавате за поранешното и за некогашното не помислувате.
19Ете, Јас правам нешто ново; еве сега ќе се јави; зар и тоа не сакате да го знаете? Ќе направам пат низ степи, реки – преку пустиња.
20Полските ѕверови ќе Ме прослават, шакали и ноеви, зашто ќе им дадам вода во пустињата, реки – во суви степи, за да го појам Мојот избран народ.
21Овој народ го создадов за Себеси; тој ќе ја разгласува славата Моја.
22А ти, Јакове, не си Ме викал: ти, Израиле, не си се трудел за Мене.
23Не си Ми ги принесувал своите јагниња за сепаленица, ниту си Ме почитувал со жртвите свои. Не сум те принудувал да Ми служиш со лебни приноси и не сум ти дотежнувал, барајќи од тебе да Ми кадиш.
24Не си ми купувал со сребро кадило, ниту си Ме наситувал со мрсно месо од жртвите свои; но со твоите гревови си Ме оптоварувал; со твоите беззаконија си Ми дотежнувал.
25А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам.
26Спомни Ме; ќе се судиме; говори, за да се оправдаш.
27Твојот праотец згреши, а твоите застапници отстапија од Мене.
28Затоа настојниците на светилиштето ги лишив од свештенството, Јакова го предадов на проклетство и Израилот на подбив.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.