1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2»Направи си две сребрени труби, ковани направи ги, за да ти служат да го собираш народот и да ги креваш полковите.
3А кога ќе затрубиш со нив, да се собере кај тебе целото општество пред влезот од скинијата на сведоштвото.
4Кога ќе се затруби со едната труба, да дојдат кај тебе кнезовите и војводи Израилеви.
5Кога ќе затрубите за поаѓање, да се кренат оние полкови, што се сместени кон исток.
6Кога ќе затрубите по вторпат за поаѓање, тогаш да се кренат полковите, што се сместени кон југ; штом ќе затрубите по третпат за поаѓање, нека се кренат полковите што се настанети кон морето; кога по четврти пат ќе дадете знак, да се кренат полковите, што се настанети кон север; да се труби кога се тргнува на пат.
7Кога, пак, се свикува собранието, трубете, но не со знак.
8Со трубите да трубат Ароновите синови, свештениците: тоа да ви биде вечен закон во родовите ваши.
9И кога ќе се кренете да ја браните земјата ваша од непријателот, кој оди против вас, трубете со знак, и Господ, Бог ваш, ќе си спомни за вас, и вие ќе се избавите од непријателите ваши.
10И во деновите на веселбата ваша, и во празниците свои, и во новомесечијата свои трубете за сепаленица, а при жртвите ваши за спасение, – и тоа да биде сеќавање пред вашиот Бог: Јас сум Господ, Бог ваш.«
11На втората година, во вториот месец, на дваесеттиот ден од месецот, облакот се крена од скинијата на сведоштвото.
12Тогаш синовите Израилеви појдоа од Синајската пустиња со имотите свои, и облакот застана во пустињата Фаран.
13И се кренаа тие за првпат, по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја.
14Прво беше кренато знамето, што беше во полето на синовите Јудини, според доброволците нивни; над војската Јудина беше Наасон, Аминадавовиот син;
15над војската од племето на синовите Исахарови беше Натанаил, Согаровиот син;
16над војската од племето на синовите Завулонови беше Елиав, Хелоновиот син;
17И се кренаа синовите Гирсонови и синовите Мерариеви, кои ја носеа скинијата.
18А беше кренато и знамето во полкот на синовите Рувимови со нивната војска; и над војската Рувимова беше Елисур, Седиуровиот син;
19а над војската од племето на синовите Симеонови беше Саламиил, Сурисадаевиот син;
20над војските, пак, од племето на синовите Гадови беше Елисаф, Рагуилов син.
21Потоа тргнаа Каатовите синови, носејќи го светилиштето; и скинијата ја поставуваа онде, каде што пристигнуваа.
22И се крена знамето во полкот на синовите Ефремови со војската негова; и над војската Ефремова беше Елисам, Емиудовиот син;
23а над војската од племето на синовите Манасиеви беше Гамалиил, Фадасуровиот син;
24над војската пак, од племето на синовите Венијаминови беше Авидан, Гадеониевиот син.
25Последно меѓу сите полкови беше кренато знамето во полкот на синовите Данови со војската нивна; и над војската Данова беше Ахиезер, Амисадаевиот син;
26а над војската од племето на синовите Асирови беше Фагаил, Ехрановиот син.
27над војската пак, од племето на синовите Нефталимови беше Ахиреј, Енановиот син.
28Тоа се полковите на синовите Израилеви со војските нивни. И тргнаа.
29И му рече Мојсеј на Јовав, Рагуиловиот син, Мадијамецот, Мојсеевиот тест: »Ние одиме во она место, за кое Господ рече: ‚вам ќе ви го дадам.‘ Дојди со нас, ќе ти направиме добро, зашто Господ вети многу добрини за Израилот.«
30Но тој му одговори: »Нема да дојдам; ќе отидам во земјата своја, при родот свој ќе појдам.«
31А Мојсеј му рече: »Не оставај ни, зашто ти беше со нас во пустињата, и при нас ќе бидеш старешина.
32Ако појдеш со нас, оние добра, што Господ нам ќе ни ги направи, ќе ти ги направите и ние тебе.«
33И изминаа од планината Господова три дена пат, и ковчегот на заветот Господов одеше пред нив на три дена пат, за да им одбере место, каде да се сместат.
34И облакот Господов ги осенуваше дење, кога тргнуваа од логорот.
35Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: »Стани, Господи, за да се растурат Твоите непријатели, и да избегаат од Твоето лице оние, што Те мразат!«
36А кога ковчегот се запираше, тој велеше: »Врати се, Господи, кај илјадите и десетиците илјади Израилеви!«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.