Јеремија 36 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пророштвата на Јеремиј се палат.

1Во четвртата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, би ова слово Господово до Јеремија:

2земи си книга и напиши ги во неа сите зборови, што ти ги кажав за Израилот, за Јуда и за сите народи од оној ден, откако почнав да ти кажувам, од дните на Јосија па до денес;

3можеби домот Јудин ќе чуе за сите беди што мислам да му ги направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ја простам неправдата нивна и гревовите нивни.

4И го повика Јеремиј Варуха, синот Нириев, и ги напиша Варух во книга како свиток книжен од устата на Јеремија сите Господови зборови, што му ги беше кажал Он.

5Тогаш Јеремија му заповеда на Варуха и му рече: »Јас сум затворен и не можам да појдам во домот Господен;

6затоа оди и прочитај ги ти од свитокот книжен запишаните зборови Господови од мојата уста гласно пред народот во домот Господов, во денот на постот, прочитај ги гласно и пред сите Јудејци, што се дојдени од градовите свои;

7можеби, тие ќе упатат смирена молба пред лицето Господово и ќе се повратат секој од својот лош пат; оти голем е гневот и негодувањето, кое Господ го изрече против овој народ.«

8Варух, синот Нириев, направи сѐ, како што му заповеда пророкот Јеремија – и ги прочита од свитокот книжен во домот Господоен, запишаните зборови Господови.

9Во петтата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, во деветтиот месец, објавија пред лицето Господово пост за сиот народ ерусалимски и за сиот народ, што беше дошол од јудејските градови во Ерусалим.

10И Варух ги прочите гласно пред сиот народ запишаните во свитокот книжен Јеремиевите зборови во домот Господен, во собата на писарот Гемариј, син Сефанов, во горниот двор при влезот кон новите порти на домот Господен.

11Михеј, синот на Гемарија, Сафанов син, ги чу сите Господови зборови, запишани во свитокот книжен,

12и слезе во домот на царот, во собата на царевиот писар, а тоа, таму седеа сите кнезови: Елисам, писарот царев, Делаја, синот Семаев, Елнатан, синот Ахборов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиев, и сите кнезови.

13И им ги кажа Михеј сите зборови, што ги чу, кога Варух го читаше свитокот книжен гласно пред народот.

14Тогаш сите кнезови го пратија при Варуха Јехудија, синот Натаниев, син Селемиев, син Хусиев, да му каже: »Земи го в рака свитокот книжен, што го читаше гласно пред народот, па дојди!« И го зеде Варух, синот Нириев, свитокот в рака и отиде при нив.

15Тие му рекоа: »Седни и прочитај ни го гласно!« И Варух им го прочита гласно.

16Кога ги ислушаа сите зборовите, со ужас се погледаа помеѓу себе и му рекоа на Варуха: »Ние ќе му ги кажеме на царот сите овие зборови.«

17И го прашаа Варуха: »А кажи ни ти како ги напиша сите овие зборови од устата негова?«

18И им одговори Варух: »Он ми ги изговори со устата своја сите овие зборови, јас, пак, ги запишав со мастило во овој свиток книжен.«

19Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: »Оди и сокри се, ти и Јеремија, па никој да не знае, каде сте.«

20И отидоа при царот во дворецот, а свитокот книжен го оставија во собата на Елисама, писарот царев; па му ги раскажаа гласно пред царот сите тие зборови.

21Царот го испрати Јехудија да го донесе свитокот книжен, и тој го зеде од собата на Елисама, писарот царев; и го прочита Јехудиј гласно пред царот и гласно пред сите кнезови, што стоеја околу царот.

22Царот во тоа време, во деветтиот месец, престојуваше во зимскиот дворец и пред него имаше мангал со разгорен јаглен.

23Штом Јехудиј ќе прочиташе два – три столпца, царот ги сечеше со писарското ноже и еден по еден ги фрлаше во мангалот, сѐ додека не беше уништен целиот свиток во огнот, што го имаше во мангалот.

24Не се уплашија и не ги раскинаа облеките свои ни царот, ниту слугите негови, кои ги чуја сите зборови.

25Иако Елнатан, Делаја и Гемариј го молеа царот да не го гори свитокот книжен, но тој не ги послуша.

26И царот му заповеда на царевиот син Јерамеила, и на Сераја, синот Азрилов, и на Селемија, синот Авдилов, да го фатат писарот Варух и пророкот Јеремија. Но Господ ги сокри.

27И би слово Господово до Јеремија, откако царот го изгоре свитокот книжен и зборовите, што беше ги напишал Варух од устата на Јеремија, и му беше речено:

28»Земи си пак друг свиток и напиши ги во него сите поранешни зборови, што беа во првиот свиток книжен, кои јудејскиот цар Јоаким ги изгори;

29а на јудејскиот цар Јоаким кажи му – вака вели Господ: ти го изгори свитокот, зашто рече – бидејќи напиша во него: ‚бездруго ќе дојде вавилонскиот цар и ќе ја разори оваа земја и ќе ги истреби во неа луѓето и добитокот‘,

30поради тоа, вели Господ, за јудејскиот цар Јоаким: ќе нема од него човек што ќе седи на Давидовиот престол, и трупот негов ќе биде фрлен на дневниот припек и на ноќниот студ.

31Па ќе го посетам него, и племето негово, и слугите негови за неправдите нивни, и ќе го испратам врз нив и врз ерусалимските жители, и врз луѓето на Јуда, сето она зло, што го искажав врз нив, а тие не послушаа.«

32И зеде Јеремија друг свиток и му го даде на писарот Варух, синот Нириев, и тој ги напиша во него од устата на Јеремија сите зборови од оној свиток книжен, што го изгори во оган јудејскиот цар Јоаким; а додаде кон нив и уште многу други, слични на нив зборови.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help