Левит 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За разликата меѓу чисти и нечисти животни.

1И му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:

2»Кажете им на синовите Израилеви и речете им: ова се животните што ги има на земјата, кои можете да ги јадете –

3секое животно што има раздвоени копита и длабок рез меѓу копитата, и кое прежива, тоа да го јадете.

4Но од оние што само преживаат или само што имаат раздвоени копита, како што е камилата, да не јадете, бидејќи прежива, но нема и раздвоени копита; таа е за вас нечиста.

5И питом зајак, бидејќи прежива и нема раздвоени копита, нечист да ви е,

6и див зајак кој прежива, а нема раздвоени копита, нечист да ви е,

7и свињата, бидејќи има раздвоени копита, а не прежива – нечиста да ви е.

8Од месото нивно да не јадете, ниту, пак, мршите нивни да ги допирате – тие се за вас нечисти.

9А од си она, пак, што е во вода ова јадете го: – си што има перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, јадете го.

10Она, пак, што нема перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, сѐ она што плива по вода и живее во вода, осквернето е и нечисто да ви е.

11Од месото нивно да не јадете и од мршата нивна да се гнасите.

12Си што нема перки и лушпи во водата, тоа да ви е нечисто.

13А меѓу приците гнасете се и да не ги јадете, гнасни се – орелот и јастребот и морскиот орел, неситот, крагујот и слични на нив;

14и нојот, и совата, и галебот,

15и врапчето,

16и секаков гавран и сличен нему, и јастребот и слични нему

17и секаков буф, нуркач и ибис и слични на него;

18и пеликанот, и лебедот, дропјата

19и штркот, и чапјата и слични на нив, и пупунецот и лилјакот;

20и сите крилести гадови што одат на четири нозе, да ви се одвратни.

21Но од си она што има крилја и оди на четири нозе, а има и колена на нозете свои, за да скока по земјата, јадете.

22Од нив јадете ги само овие: скакулците и слични на нив, салемот и слични на него, арголата и слични на неа, и агавата и слични на неа.

23Си друго што има крилја и оди на четири нозе одвратно да ви е; со тоа да не се осквернувате.

24И секој што ќе се допре до нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта.

25И секој што ќе понесе нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта.

26Сите животни што имаат нераздвоени копита и што не преживаат, нечисти да ви се; секој што ќе се допре до такви пцовисани, нечист ќе е до вечерта.

27И си што оди на лапите свои, меѓу сите четвороножни животни, нечисто да ви е; кој ќе се допре до трупот нивни, нечист ќе биде до вечерта

28И кој ќе понесе труп нивни пцовисан, нека ја испере облеката своја и нечист е до вечерта; тие да ви бидат одвратни.

29А меѓу животните што лазат по земја да ви бидат нечисти: ласицата, глувчето и гуштерот,

30и ежот и камелеонот, дождалецот, творот, полжавот и кртот.

31Тие да ви се нечисти меѓу животните што лазат по земјата, и кој ќе се допре до нив пцовисани, нечист да е до вечерта.

32И на кои или на што ќе падне нешто од нив пцовисано, ќе биде нечист, било да е сад дрвен или облека или кожа или вреќа, и секој сад што е потребен за некоја употреба, да се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист.

33А и секој сад земјен, во кој ќе падне нешто од тоа, и си што ќе е во него, ќе биде нечисто, и садот скршете го.

34И секое јадење што го јадете, ако на него се излие таква вода, ќе биде нечисто, и секое питие што се пие во секој таков сад, ќе ви биде нечисто.

35И си на што ќе падне нешто од нивните пцовисани тела нечисто ќе е; и печката и огништето нека се растурат, зашто се нечисто, и нечисто ќе ви бидат.

36А освен изворот, потоците и бунарот, каде што се собира водата, ќе бидат чисти; но си што ќе се допре до пцовисан труп, ќе биде нечисто.

37Ако нешто, пак, од пцовисан труп падне на семе, што се сее, тоа ќе ви биде чисто.

38Но ако на семето се излие вода, па тогаш падне нешто од пцовисан труп на семето, тоа да ви биде нечисто.

39И кога ќе пцовиса што и да е од она од добитокот што го јадете, ако некој се допре до неговиот труп, нечист ќе биде до вечерта.

40А оној што ќе јаде од трупот негов, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта; и кој ќе фати нивни пцовисан труп, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта.

41И секаков гад што лази по земјата, да ви е одвратен и да не се јаде.

42Си што се влече на мев и си што оди на четири нозе или што е со многу нозе меѓу си она што се влече по земјата, тоа да не го јадете, бидејќи е нечисто.

43Не поганете ги душите ваши со ниедно од животните што лазат и не осквернувајте се од нив, за да не бидете нечисти со нив,

44зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет; и немојте да се осквернувате од сите гадови што се движат по земјата.

45Оти Јас сум Господ што ве изведе од земјата Египетска, за да ви бидам Бог; и така – бидете свети, зашто Јас сум свет.

46Тоа е закон за добитокот и за птиците, и за секоја душа што се движи во вода, и за секоја душа што лази по земја,

47за да се распознава чистото од нечистото и за да ги научите синовите Израилеви за животните кои можат да се јадат од животните што не треба да се јадат.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help