Марко 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Фатениот. Исус го повикува Матеја. За постот. Кинење класје во сабота.

1По неколку дена, Он пак влезе во Капернаум; и се чу дека е во една куќа.

2Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Он им зборуваше.

3И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица;

4па, како не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Он, ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.

5А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: »Синко, ти се опростуваат гревовите твои!«

6Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:

7Што хули Овој на Бога? Кој друг може да опростува гревови, освен единиот Бог?

8Исус веднаш, штом узна со Својот дух, дека тие така мислат во себе, им рече: »Зошто го помислувате тоа во срцата свои?

9Што е полесно да му кажам на фатениот: ти се простуваат гревовите или да речам: дигни се, земи ја постелката своја и оди?

10Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите« – му рече на фатениот –

11Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!

12И тој стана веднаш, па, штом ја зеде својата постелка, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: »Никогаш вакво чудо не сме виделе!«

13И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше при Него, и Он ги поучуваше.

14И кога одеше, го виде Левија Алфеев, кој седеше на митницата, и му рече: »Врви по Мене!« Тој стана и тргна по Него.

15А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу митници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него.

16Книжниците и фарисеите, штом Го видоа да јаде со митници и грешници, им рекоа на учениците Негови: »Зошто со митници и грешници јаде и пие?«

17Кога го чу тоа Исус, им рече: »Здравите немаат потреба од лекар, а болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците – на покајание.«

18Учениците на Јована и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: »Зошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?«

19Исус им рече: »Зар можат сватовите да постат, кога младоженецот е со нив! За сето време, дури е со нив младоженецот, тие не можат да постат;

20но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат.

21Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем.

22Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.«

23И Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и почнаа учениците Негови, врвејќи, да кинат класје.

24А фарисеите Му рекоа: »Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?«

25Но Он им рече: »Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне сам тој и оние, што беа со него?

26Како влезе во домот Божји, при првосвештеникот Авијатар, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него?«

27Потоа продолжи: »Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.

28Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help