Јеремија 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Жалење поради расипаноста на народот.

1О, кој ќе даде на главата моја вода и на очите мои – извор на солзи? Јас бев плачел ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ.

2О, кој би ми дал во пустињата последен престој! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив: зашто сите тие се прељубодејци, собир на престапници.

3Како лак го запнуваат јазикот свој за лаги, со неправда се засилуваат на земјата; зашто минуваат од едно зло на друго и Мене не Ме познаваат, вели Господ.

4Пазете се секој од пријателот свој, и не се доверувајте никому од браќата свои; зашто секој брат му става сопка на другиот, и секој пријател разнесува клевета.

5Секој го лаже пријателот свој, и вистина не говорат: го научија јазикот свој да говори лага, се трудат да прават зло.

6Ти живееш меѓу измами, па поради измама тие откажуваат дека Ме познаваат, вели Господ.

7Затоа вака вели Господ Саваот: ете, ќе ги растопам и ќе ги испитам; зашто, како инаку да постапам со ќерката на Мојот народ?

8Јазикот нивни – стрела смртоносна, говори подмолно; со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки.

9Зар нема да ги посетам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?

10На горите ќе кренам плач и пискот, и по пасиштата во степите – ридание, зашто тие се изгорени, така што преку нив никој не минува, ниту се слуша блеење на стада: и птиците небески и добитокот – сѐ се распрснало и избегало.

11И ќе го претворам Ерусалим во купишта камења, живеалиште на змии, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња, без жители.

12Има ли таков мудрец, што ќе го разбере ова? И оној, кон кого говори устата Господова – да објасни, зошто загина земјата и изгоре како пустиња, така што никој не минува низ неа?

13И рече Господ – поради тоа што го оставија Мојот закон, што го бев определил за нив, не го слушаа гласот Мој и не постапија според него,

14туку одеа според тврдокорноста на срцето свое и по Вааловци, како што ги научија татковците нивни.

15Заради тоа вака вели Господ Саваот, Израилевиот Бог: еве, ќе ги нахранам тие луѓе со пелин, ќе ги напојам со вода и жолчка.

16и ќе ги растурам меѓу народи, што не ги познаваа ни тие ни татковците нивни, и ќе испратам по нив меч, сѐ додека ги истреби.

17Така вели Господ Саваот: побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испратете да дојдат вешти жени за таа работа.

18Нека побрзаат и да заплачат заради нас, та од очите наши да се лејат солзи и од клепките наши вода да тече.

19Затоа што глас од плач се слуша од кај Сион: »Како нѐ ограбија, лошо сме посрамени, бидејќи ја оставаме земјата – ни ги разрушија куќите.«

20Па така, слушајте го, жени, словото од Господа и да внимава увото ваше на словото од устата Негова; и учете ги ќерките свои на плач, и една со друга – на тажни песни.

21Бидејќи смртта влегува преку прозорците наши, се впушта во куќите наши, за да ги истреби децата од улиците и младешта од плоштадите.

22Речи: така вели Господ – и ќе бидат фрлени труповите на луѓето како ѓубре в поле и како снопја зад жетвари, и не ќе има кој да ги собере.

23Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое.

24А кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ.

25Ете идат денови, вели Господ, кога ќе ги посетам сите обрезани и необрезани:

26Египет и Јудеја, Едома и синовите Амонови, Моава и сите кои се стрижат од страна, што живеат во пустињата; оти сите тие народи се необрезани, а сиот дом Израилев има срце необрезано.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help