Откровение 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Писмото Христово до црквите во Ефес, Смирна, Пергам и Тиатир.

1На ангелот на Ефеската црква напиши му: ова го вели Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди посреде седумте светилници –

2ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги трпиш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се наречуваат апостоли, а не се, и дека си нашол оти се лажци;

3дека си претрпел и дека имаш трпение, дека си се трудел за името Мое и дека не си се уморил.

4Но сум против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.

5Спомни си од каде си паднал, и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам светилникот твој од местото негово, ако не се покаеш.

6А ова го имаш, ги мразиш делата на николаитите, кои што и Јас ги мразам.

7Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите – на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај.

8И на ангелот на Смирненската црква напиши му: така вели Првиот и Последниот, Кој беше мртов и еве оживе –

9ги знам твоите дела, скрбта и сиромаштијата – но ти си богат – и хулењата на оние, кои за себеси велат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска збирштина.

10Не бој се воопшто од она, што ќе има да претргаш. Ете, ѓаволот некои од вас ќе фрли в затвор, за да ве искуша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот.

11Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: кој победува, втората смрт нема да му нанесе штета.

12И на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној, Кој држи меч со две острици –

13ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната, и дека го држиш името Мое, и дека не се одрече од верата Моја дури и во деновите, кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, во чија што средина живее сатаната.

14Но малку сум против тебе, зашто имаш таму некои, што го држат учењето на Валаама, кој што го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израилеви, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат.

15А имаш и некои, што го држат учењето на николаитите, кое го мразам.

16Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја.

17Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од сокриената мана, и ќе му дадам бело камче, и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива!

18И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како пламен огнен, а нозете слични на сјаен бакар –

19ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите.

20Но малку сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себеси се наречува пророчица, да ги учи и мами слугите Мои да блудствуваат и да јадат идолски жртви.

21А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја.

22Ете, неа ја фрлам на постела, а оние, што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покајат за делата свои.

23И чедата нејзини ќе ги поразам со смрт, и сите цркви ќе узнаат дека Јас сум Оној, Кој ги испитува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови.

24А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги узнаа таканаречените длабини сатански, ви велам: нема да ви наложам друго бреме.

25Но држете го само она, што го имате, додека не дојдам.

26И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците,

27и ќе ги пасе со жезал железен; и тие ќе се строшат како земјани садови; како што и Јас примив власт од Својот Отец.

28Нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница.

29Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help