Римјаните 15 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Да се поднесува слабоста на послабите и да се живее во христијанска слога. Благодат од Евангелието преку апостолите.

1Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси:

2секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука.

3Оти и Христос не угоди на Себеси, па како што е напишано: »Хулењата на оние, што Те хулеа, паѓаа врз Мене«.

4А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.

5А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса,

6та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос.

7Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.

8Но велам дека Исус Христос стана слуга на обрезанието поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата, дадени на татковците,

9а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за Неговата милосрдност, како што е напишано: »Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име«.

10И пак е речено: »Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!«

11И пак: »Фалете Го Господа сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!«

12Исаија, исто така вели: »Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.«

13А Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.

14И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со благост, исполнети со секакво разбирање, та можете да се поучувате еден со друг.

15Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ви напомнам за дадената ми од Бога благодат,

16за да Му бидам слуга на Исуса Христа меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Благовестие, та приносот од незнабошците, осветен од Светиот Дух, да биде благопријатен.

17И така, со тоа можам да се пофалам во Исуса Христа кај Бога,

18оти не смеам да речам ништо, што не го извршил Христос преку Мене, за да станат и незнабошците послушни на верата, со слово и дело,

19со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, така што Благовестието Христово го распространив од Ерусалим и неговата околина дури до Илирик.

20И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму, каде што името Христово беше веќе извесно, за да не ѕидам врз туѓ темел,

21а како што е и напишано: »На оние, на кои не им се јави за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе узнаат«.

22Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам при вас.

23Сега, пак, бидејќи немам веќе такво место во овие земји, а од многу години наваму копнеев да дојдам при вас,

24ако тргнам за Шпанија, ќе дојдам кај вас. Оти, преминувајќи таму, се надевам да ве видам и натаму вие да ме испратите, откако најнапред се порадувам на вас.

25А сега одам во Ерусалим, за да им послужам на светиите,

26зашто Македонија и Ахаја благоволија да дадат некаков принос за бедните светии во Ерусалим.

27Благоволија, па и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тоа тие се должни и ним да им служат со материјални блага.

28А откако ќе го направам ова и им го запечатам овој плод, низ вашите места ќе заминам за Шпанија.

29А знам дека, кога ќе дојдам при вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие.

30Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене,

31за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и службата моја во Ерусалим да им биде благопријатна на светиите:

32та радосен да дојдам при вас со Божјата волја и да се успокојам со вас.

33А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help