Јудита 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ахиор предаден на Израилците.

1Кога стивна вревата на оние што беа собрани на договор, Олоферн, врховниот заповедник на асирската војска, пред сите луѓе собрани од разни народности му рече на Ахиора:

2»Ахиоре, кој си ти, и платениците Ефремови, што вака денес пророкуваш и што ми советуваш да отстапам, да не војувам против народот израилски, затоа што нивниот Бог ги заштитува? А кој е бог освен Навуходосор? Тој ќе ја испрати својата сила и ќе ги избрише од лицето на земјата, и нивниот Бог нема да ги спаси.

3Ние, слугите на нашиот цар, ќе ги победиме како еден човек; тие не ќе можат да ја издржат силата на нашата коњица.

4Ќе ги изгазиме; горите нивни ќе ги напоиме со нивната крв; рамнините ќе ги наполниме со нивните трупови. Нема да се додржат пред нашето лице; сите ќе загинат. Така говори царот Навуходоносор, господарот на целата земја. Така говори тој, а зборовите негови не се попусто речени; тие се негова заповед.

5А ти, Ахиоре, амонски наемнику, ти што ги изрече овие зборови во денот на твојата неправда, нема да го гледаш моето лице од денешниов ден сѐ додека не му се одмаздам на тој народ – на тие бегалци од Египет.

6А кога ќе се вратам – мечот на мојата војска и бројностаод моите слуги ќе помине преку твоите ребра, и ти ќе паднеш меѓу ранетите Израилци.

7Моите слуги ќе те одведат во горските предели и ќе те остават во еден од градовите на тие височини,

8а нема да умреш сѐ додека не бидеш со нив заедно уништен.

9А, ако во срцето твое се надеваш, оти нема да бидат поразени, знај дека ќе се посрамиш. Ти реков, сите мои зборови ќе се исполнат.«

10Тогаш Олоферн им заповеда на своите слуги, кои послужуваа во неговиот шатор, да го фатат Ахиора и да го одведат во Ветилуја, да го предадат во рацете на синовите Израилеви.

11Слугите го фатија и го изведоа надвор од логорот во полето, а од средината на рамнината се искачија во планинските предели и го доведоа кај изворите што беа под Ветилуја.

12Кога луѓето од градот ги забележаа на врвот од планината, тие го грабнаа своето оружје, излегоа од градот на врвот планински, и сите мажи со праќки во рака, – го пазеа преминот и фрлаа на нив камења.

13А тие, откако се приближија до гората, го врзаа Ахиора, го оставија во падините на гората и се вратија при својот господар.

14А синовите Израилеви, кои беа излегле надвор од градот, се доближија до него, го одврзаа и го одведоа во градот Ветилуја и го изведоа пред градските началници,

15кои во тоа време беа Озија, синот на Миха – од коленото на Симеона, Хавриј, синот на Готоноила, и Хармиј, синот на Мелеила.

16Тие ги свикаа сите градски старешини, но на собранието дојдоа и сите жени и младичи. Го ставија Ахиор среде сиот народ, а Озија го праша што се случило со него.

17Ахиор ги извести за сѐ што се рекло на Олоферновото собрание: што им кажал на Асуровите водачи и за сѐ со што се фалел Холоферн дека ќе направи против домот на Израил.

18Тогаш народот падна ничкум, Му се поклони на Бога и извика:

19»Господи, Боже небески, погледни ја нивната горделивост и смилувај се на смиреноста од Твојот народ и погледни ги денес лицата на оние што Ти се посветени – Тебе.«

20Потоа го утешија Ахиора и го пофалија.

21Озија го поведе Ахиора од собранието и го одведе во својот дом и направи гозба за старешините. Целата таа ноќ Го повикуваа на помош Бога на Израилците.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help