Второзаконие 27 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Камења со закони. Проклетства од гората Гевал.

1Тогаш Мојсеј со старешините на синовите Израилеви му заповеда на народот, велејќи: »Пазете ги сите заповеди, што денес ви ги давам.

2И кога во оној ден ќе го минете Јордан во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, како дел, постави си големи камења и обели ги со вар;

3и напиши ги на тие камења сите зборови од твојот закон, штом ќе го преминеш Јордан, за да влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, во земјата, каде што тече мед и млеко, како што им беше говорел Господ, твојот Бог, на твоите татковци.

4Кога ќе го преминете Јордан, поставете ги тие камења, како што ви заповедам денес, на планината Гевал и обелете ги со вар;

5и изгради таму жртвеник на Господа, твојот Бог, жртвеник од камења; да не ставаш на нив железо;

6жртвеникот на Господа, твојот Бог, целиот изгради го од камења и принесувај врз него сепаленици на Господа, твојот Бог;

7принесувај и жртви за спасение, и јади и наситувај се таму, и весели се пред Господа, твојот Бог;

8и врз тие камења напиши го многу јасно целиот овој закон.«

9Тогаш Мојсеј со свештениците левити му рече на целиот Израил, велејќи: »Внимавај и слушај, Израиле: ти денес стана народ на Господа, твојот Бог.

10И така, слушај го гласот на Господа, твојот Бог, и извршувај ги сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес.«

11И во тој ден му заповеда Мојсеј на народот, велејќи:

12»Кога ќе го минете Јордан, овие треба да застанат на планината Гаризим, за да го благословат народот: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Венијамин;

13а на планината Гевал да застанат за да искажат проклетство овие: Рувим, Гад, Завулон, Дан и Нефталим.

14Левитите да го известат народот и да им кажат на сите Израилци со висок глас:

15‚проклет да е оној човек, што ќе направи изрезан или излиен идол, одвратност пред Господа, работа на уметнички раце, па го става на скришно место! Целиот народ да биде известен и нека рече: амин!

16Проклет да е оној, што го навредува таткото свој или мајката своја! И целиот народ да каже: амин!

17Проклет да е оној, кој ја поместува меѓата на ближниот свој! И целиот народ нека рече: амин!

18Проклет да е оној, кој отстранува слеп човек од патот! И целиот народ нека каже: амин!

19Проклет да е оној, кој криво суди придојден, сиромав или вдовица! И целиот народ нека рече: амин!

20Проклет да е оној, кој ќе легне со жената на таткото свој, зашто тој го открил крајот од покривката на таткото свој! И целиот народ да каже: амин!

21Проклет да е оној, кој ќе легне со каков и да било добиток! И сиот народ нека рече: амин!

22Проклет да е оној, кој ќе легне со сестрата своја, со татковата ќерка, или со мајкината ќерка! И целиот народ да каже: амин!

23Проклет да е оној, кој ќе легне со тештата своја! И целиот народ нека рече: амин! Проклет да е оној, кој ќе легне со сестрата на жената своја! И целиот народ да каже: амин!

24Проклет да е оној, што ќе го убие тајно ближниот свој! И целиот народ да каже: амин!

25Проклет да е оној, што зема поткуп, за да погуби душа и да пролее крв невина! И целиот народ нека рече: амин!

26Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од оној закон и не ќе постапи според нив! И целиот народ да каже: амин!‘

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help