1Пророштвото за Египет. Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во него.
2Ќе вооружам Египтјани против Египтјани, – и ќе се бијат брат против брат и пријател против пријател, град со град, царство со царство.
3Духот на Египет ќе изнемошти во него, ќе ги разруши намерите негови, – и ќе прибегнат тие кон идоли и маѓесници, кон оние што повикуваат мртовци и кон бајачи.
4Ќе ги предадам Египтјаните во рацете на жесток владетел, свиреп цар ќе владее над нив, – вели Господ, Господ Саваот.
5И водите во морето ќе исчезнат, реката ќе секне и ќе пресуши;
6реките ќе намалат, каналите египетски ќе станам малуводни и ќе се исушат; рогозината и трската ќе овенат.
7Нивите крај реката, по бреговите на реката, и сѐ што е посеано крај реката – ќе се исуши, ќе биде развеано и ќе исчезне.
8И ќе заплачат рибари, ќе викаат сите што фрлаат јадици во реката, што поставуваат мрежа во водата, сите ќе бидат очаени;
9ќе се вознемират оние, што обработуваат лен и што ткаат бели платна;
10мрежите ќе бидат скинати, и сите што држат рибници за жива риба – ќе паднат со духот.
11Да! Се избезумија кнезовите танесови; советот на мудрите фараонови советници стана безумен. Како ќе му кажете на Фараонот: »Јас сум син на мудреците, син на древните цареви?«
12Каде се тие? Каде се твоите мудреци? Нека ти кажат тие сега; нека дознаат што определил Господ Саваот за Египет?
13Се избезумија кнезовите танесови; се измамија кнезовите мемфиски, го свртија Египет од патот на водачите на неговите племиња.
14Господ спроведе во него зашеметен дух, – го доведоа Египет во заблуда во сите негови дела, како пијан кога повраќа.
15И нема да има во Египет такво дело, кое би можеле да го извршат главата и опашката, палмата и трската.
16Во овој ден Египтјаните ќе бидат како жени; ќе затреперат и ќе се уплашат од движење на раката на Господа Саваот, што Он ќе ја крене против нив.
17Земјата Јудина ќе стане ужас за Египет, кој се сеќава не неа, тој ќе затрепери од решението на Господа Саваот, што го определил Он за него.
18Во оној ден пет града во Египетската земја ќе говорат на ханански јазик, и ќе се колнат во Господа Саваот; едниот ќе се нарече град на сонцето.
19Во оној ден ќе има жртвеник на Господа среде Египетската земја и споменик на Господа – во нејзините предели.
20Тој ќе биде знак и сведоштво за Господа Саваот во Египетската земја, зашто тие ќе викаат кон Господа од потисниците, и Он ќе им донесе спасител и застапник, и ќе ги спаси.
21И Господ сам ќе се јави во Египет; во тој ден Египтјаните ќе Го познаат Господа и ќе принесат жртви и дарови, ќе Му дадат ветувања на Господа и ќе ги исполнат.
22И ќе го порази Господ Египет – ќе го порази и ќе го исцели: тие ќе се обрнат кон Господа – и Он ќе ги чуе и ќе ги исцели.
23Во тој ден ќе има широк пат од Египет до Асирија; и Асур ќе доаѓа во Египет и Египтјани во Асирија; и Египтјани заедно со Асиријците ќе Му служат на Господа.
24Во оној ден Израилот ќе биде трет со Египет и со Асирија; благослов ќе има на земјата,
25која Господ Саваот ќе ја благослови, велејќи: »Благословен да е Мојот народ – Египтјаните делото на рацете Мои – Асиријците, и наследството Мое – Израилот.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.