1Тогаш царот испрати, та се собраа при него сите старешини на Јуда и на Ерусалим.
2И отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и сите ерусалимски жители, и свештениците, и пророците, и сиот народ, од мал до голем, и им ги прочита гласно сите збовори од книгата, која се најде во домот Господов.
3Потоа царот застана на високо место и пред лицето Господово се заветува – дека ќе Го следи Господа и дека ќе ги чува заветите Негови, откровенијата негови и наредбите Негови, од сѐ срце и душа, за да ги исполнува зборовите на тој завет, напишани во таа книга, И сиот народ се заветува.
4Тогаш царот му заповеда на првосвештеникот Хелкиј и на другите свештеници и на вратарите да ги извесат од храмот Господов сите работи направени за Ваала и за Астарта и за сета небеска војска, и ги изгори надвор од Ерусалим, во Кедронскиот дол, и заповеда да ја пренесат пепелта нивна во Ветил.
5И ги отстрани многубожечките жреци, што ги беа поставиле јудеските цареви да вршат кадење по идолските светилишта во јудејските градови и во околината на Ерусалим, и оние, што му кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на планетите и на сета небеска војска.
6И ја изнесе тој Астарта од домот Господов надвор од Ерусалим, при потокот Кедрон, и ја изгоре при потокот Кедрон, ја претвори во пепел и ја фрли пепелта нејзина во општонародните гробишта;
7и ги разурна блудничките домови, што беа при храмот Господов, каде што жени шиеја облека за Астарта;
8и ги изведе сите жреци од јудејските градови, ги оскверни идолските светилишта, по кои жреците вршеа кадења, од Гава до Вирсавија, и ги разурна светилиштата пред портите – оние при влезот кон портите на Исуса градоначалникот, и оние одлево при градските порти.
9Жреците на идолските светилишта, меѓутоа, не принесуваа жртви врз жртвеникот Господов во Ерусалим туку јадеа безквасници заедно со браќата свои.
10Тој го оскверни и Тофет, што е во долот на Еномовите синови, та никој да не го пренесува синот свој и ќерката своја преку оган во чест на Молоха;
11и ги урна коњите, кои јудејските цареви ги ставаа во чест на сонцето пред влезот во домот Господов, близу до собите на дворјанинот Нетан – Мелех, во Фарурим, а колесниците на сонцето ги изгоре со оган.
12И жртвениците врз покривот на Ахазовата горна соба, што ги направија јудејските цареви, и жртвениците, кои Манасиј ги беше направил во двата двора на домот Господов, царот ги собори и ги растури оттаму, и правот нивни го фрли во потокот Кедрон.
13И идолските светилишта пред Ерусалим, десно од Маслиновата Гора, кои Соломон, царот Израилев, ѝ го беше изградил на Астарта, гад сидонски, и на хамос, гад моавски, и на Молох, гад амонитски, царот ги оскверни;
14и ги искрши идолите, и ги исече дубравите, и го наполни местото нивно со човечки коски.
15Исто така и жртвеникот, што беше во Ветил, и идолското светилиште, изградено од Наватовиот син Јеровоам, кој беше го навел Израилот во грев, – и жртвеникот и светилиштето ги разурна, и ги изгоре, ги претвори во прав, ја изгоре и дубравата.
16Јосиј погледна и ги виде гробиштата, што беа таму на гората, па испрати и ги зеде коските од гробовите, ги изгоре врз жртвеникот и го оскверни, според словото Господово, што го навести човекот Божји, кој ги беше претскажал тие настани, кога Јероваоам стоеше на празникот пред жртвеникот. Потоа се сврте и го виде гробот на Божјиот човек, што ги беше претскажал тие настани,
17и Јосиј праша: »Каков е тој споменик, што го гледам?« Му одговорија градските жители: »Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и го навести ова, што ти го правиш сега над Ветилскиот жртвеник.«
18Тогаш тој рече: »Оставете го на мира, никој да не ги обеспокојува коските негови.« И ги зачува коските негови заедно со коските на пророкот, што беше дошол од Самарија.
19И сите идолски светилишта во самариските градови, кои израилските цареви ги беа изградиле, разгневувајќи Го Господа, Јосиј ги разруши и направи со нив исто, како што направи во Ветил;
20ги закла сите жреци при светилиштата, што беа таму, при жртвениците, и изгоре врз нив човечки коски, па се врати во Ерусалим.
21Тогаш царот му заповеда на сиот народ и рече: »Празнувајте Му Пасха на Господа, вашиот Бог, како што е напишано во таа книга на заветот.«
22Зашто таква Пасха не беше празнувана од дните на судиите, кои му судеа на Израилот, и во сите дни на израилските цареви, и на јудејските цареви;
23а таа Пасха на Господа беше празнувана во Ерусалим во осумнаесеттата година на царот Јосија.
24Јосиј исто така ги истреби и повикувачите на мртви, и маѓепсниците, и вражалците, и идолите, и сите гадови, што се сретнуваа во Јудејската земја и во Ерусалим, за да ги исполни зборовите на законот, напишан во книгата, што свештеникот Хелкиј ја најде во домот Господов.
25Сличен на него немало цар пред него, кој се свртел кон Господа со сето свое срце, и со сета душа своја, и со сите свои сили, според целиот закон Мојсеев; и по него не се издигна сличен на него.
26Но Господ не ја одложи големата јарост на гневот Свој, со која гневот Негов Му се разгори против Јуда за сите навреди, со кои Манасиј Го беше разгневил.
27И Господ рече: »И Јуда ќе го отфрлам од лицето Свое, како што го отфрлив Израилот, и ќе го отфрлам тој град Ерусалим, што го избрав, и домот, за кој бев рекол: ‚Таму ќе биде името Мое.‘«
28Другите работи за Јосија и за сѐ што беше извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви.
29Во неговите дни египетскиот цар, Фараонот Нехаон, тргна против асирскиот цар на реката Еуфрат. Царот Јосиј му излезе во пресрет, а оној штом го виде го уби во Мегидон, штом го виде.
30Слугите негови го кренаа мртов од Мегидон, го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, И народот на земјата го зеде Јосиевиот син Јоахаз, го помазаа и го прогласија за цар место татко му негов.
31Јоахаз беше на дваесет и три години, кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Хамутал, ќерка на Јеремија, од Ливна.
32Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што правеа татковците негови.
33Фараонот Нехаон го задржа во Ривла, во Ематската земја, за да не царува во Ерусалим, и наложи глоба на земјата сто таланти сребро и сто таланти злато.
34И Фараонот Нехаон го направи цар Јосиевиот син Елијаким, место татко му Јосија, и му го промени името на Јоаким, а Јоахаз го зеде и го одведе во Египет, каде што и умре.
35Јоаким му даваше на Фараонот сребро и злато; тој ја оцени земјата, за да го внесува среброто по заповед на фараонот; тој бараше од секого од народот на земјата, според оценката негова, сребро и злато, за да му дава на фараонот Нехаон.
36Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Јелдаф, ќерка на Фадаила, од Рума.
37И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што го правеа татковците негови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.