1 Царства 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Саул доаѓа кај Самуила.

1Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син Авилов, син Јаредов, син на Вахиров, син Афеков, син на некојси Венијаминец.

2Тој имаше син, по име Саул, млад и убав; и никој од Израилците не беше поубав од него; а и за глава тој беше повисок од сиот народ.

3И на Сауловиот татко Кис му се загубија ослиците, па му рече Кис на синот свој Саула: »Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги ослиците.«

4И тој ја мина Ефремовата гора, ја минаа и земјата Селха, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Сегалимска, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа.

5А кога дојдоа во земјата Сифова, Саул му рече на слугата свој, што беше со него: »Да се вратиме, за да не почне татко, заборавајќи ги ослиците, да се беспокои поради нас.«

6Но слугата му рече: »Еве, во овој град има еден човек Божји, човек почитуван; сѐ што тој ќе каже, се збиднува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.«

7И му рече Саул на слугата свој: »Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зошто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема, за да му однесеме на човекот Божји. Што имаме?«

8Слугата, пак, му одговори на Саула и рече: »Ете, во раката моја има четврт сикла сребро; ќе му ја дадам на човекот Божји, и тој ќе ни го покаже патот наш.«

9Порано кај Израилот, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: »да одиме кај јасновидецот.« Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал јасновидец.

10И му рече Саул на слугата свој: »Добро велиш; да одиме!« И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји.

11Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа: »Има ли тука јасновидец?«

12Тие им одговорија и рекоа: »Име; ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот;

13кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча; зашто народот нема да почна да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.«

14И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самуил им излегува во пресрет, за да отиде на ридот.

15А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самуила и рече:

16»Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и то помажи го за цар на Мојот народ, Израилот; тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостивно на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.«

17Кога Самуил го виде Саула, Господ му рече: »Ете го човекот, за кого ти говорев; тој ќе царува над Мојот народ.«

18Саул се приближи до Самуила при вратата и го запраша: »Кажи ми, каде е куќата на јасновидецот?«

19Самуил му одговори на Саула и рече: »Јас сум јасновидецот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сѐ, што имаш на срцето;

20а за ослиците, што се загубија пред три дена, не се грижи, тие се најдени. Та за кого е сѐ она, што е најсакано кај Израилот? Нели е за тебе и за целиот твој татков дом?«

21Саул одговори и рече: »Не сум ли јас син од Венијаминовото колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не ли е најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?«

22Самуил го зеде Саула и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души.

23И му рече Самуил на готвачот: »Донеси го оној дел, што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: ‚зачувај го кај себеси.‘«

24И готвачот ја зеде плешката и сѐ, што беше на неа, и го стави тоа пред Саула. И рече Самуил: »Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.« И тој ден Саул ручаше со Самуила.

25Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самуил разговараше со Саула на покривот, а и послаа за Саула на покривот и тој спиеше.

26Утрината тие станаа токму кога зазори зората, Самуил го повика Саула на покривот и рече: »Стани, јас ќе те испратам.« Саул стана, и обајцата, тој и Самуил, излегоа од куќата.

27Кога наближуваа кон крајот на градот, Самуил му рече на Саула: »Кажи му на слугата да оди пред нас,« – и тој отиде напред, – »а ти сега застани, и јас ќе ти откријам, што рече Бог.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help