2 Царства 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Авесалом е поразен, Јоав го убива.

1Давид ги прегледа луѓето, што беа со него, и постави над нив илјаданачалници и стотници.

2Давид ги испрати луѓето – една третина под водство на Јоава, една третина под водство на Авеса, синот Саруев, брат Јоавов, една третина под водство на Гетецот Етеј. Тогаш царот им рече на луѓето: »И јас ќе дојдам со вас.«

3Но луѓето му одговорија: »Не доаѓај, зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, ти, бидејќи, сам чиниш, колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.«

4Царот им рече: »Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам.« И царот се задржа при портите, и сиот народ излегуваше по стотици и по илјади.

5Царот им заповеда на Јоава, Авеса и Етеја, велејќи: »Зачувајте ми го момчето Авесалома.« И сите слушаа, што им заповедаше царот на сите началници за Авесалома.

6Излегоа луѓето во полето против Израилците, и започна битка во Ефремовата гора.

7И народот Израилев беше победен од Давидовите слуги; тој ден таму стана голем пораз, – беа убиени дваесет илјади души.

8А битката се прошири по целата онаа земја, и гората погуби повеќе народ, отколку што се истреби со мечот во тој ден.

9Авесалом се сретна со Давидовите слуги; тој јаваше на маска. Кога маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалома му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската, што беше под него, избега.

10Некој го виде тоа и му јави на Јоава, велејќи: »Ете, јас го видов Авесалома како виси на дабон.«

11Јоав му кажа на човекот што му го соопшти тоа: »Ете, си видел; зошто не го кутна таму на земја? Ќе ти дадев десет сикли сребро и еден појас.«

12И оној му одговори на Јоава: »Да ставеа во рацете мои и илјада сикли сребро, и тогаш не би кренал рака врз царскиот син; зашто ние чувме, дека царот ти заповеда тебе, на Авеса и на Етеја, велејќи: ‚зачувајте ми го момчето Авесалома‘;

13и да бев постапил поинаку во опасност по животот свој, тоа не би останало сокриено од царот, па и ти би станал против мене.«

14Јоав рече: »Нема зошто да се занимавам со тебе.« И зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалома, кој уште беше жив на дабот.

15Тогаш го опколија Авесалома десет момци, Јоавови оруженосци, го удираа и го умртвија.

16И затруби Јоав со труба, и луѓето, што го гонеа Израилот, се вратија, бидејќи Јоав го штедеше народот.

17Го зедоа Авесалома, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења. И сите Израилци се разбегаа, секој во шаторот свој.

18Уште додека беше жив, Авесалом си беше изградил споменик во царската долина; зашто велеше: »Јас немам син, за да се зачува споменот за името мое«. И до денес тој се нарекува Авесаломов споменик.

19Ахимас, син Садоков, му рече на Јоава: »Ќе отрчам да му јавам на царот, дека Господ преку Својот суд го спаси од рацете на непријателите негови.«

20Но Јоав му рече: »Нема да бидеш добар известувач денес; друг ден ќе јавиш, а не денес, зашто царевиот син умре.«

21Јоав му рече потоа на Хусија: »Оди, јави му на царот што си видел.« И Хусиј му се поклони на Јоава и отрча.

22Но Ахимас, Садоковиот син, настојуваше и му велеше на Јоава: »Што и да биде, и јас ќе трчам по Хусија.« а Јоав му одговори: »Што ти треба да трчаш, синко? Добра вест нема да однесеш.«

23Ахимас рече: »Така нека биде, но јас ќе отрчам.« Тогаш Јоав му рече: »Трчај.« И Ахимас потрча по напречен пот и го испревари Хусија.

24Во тоа време Давид седеше меѓу двете порти. И стражарот излезе под вратната стреа откај ѕидот, ги крена очите и виде, еден човек трча.

25И стражарот извика и му соопшти на царот. А царот рече: »Ако е сам, вест носи во устата своја.« А оној сѐ повеќе и повеќе се приближуваше.

26Стражарот виде друг човек дека трча; и стражарот му викна на вратарот: »Ете, уште еден човек трча.« Царот рече: »И тој е известувач.«

27Стражарот рече: »Го гледам одењето на привиот, тоа прилега на одењето на Ахимаса, Садоковиот син.« А царот рече: »Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.«

28Ахимас извика и му рече на царот: »Мир!« И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: »Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето, што беа кренале рака против мојот господар, царот!«

29А царот праша: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Ахимас одговори: »Видов голема мешаница, кога царскиот служител Јоав го испраќаше својот слуга; не не знам, што стануваше таму.«

30Царот рече: »Помести се и застани тука.« И тој се помести и застана.

31Ете, пристигна и Хусиј по него. И Хусиј му рече на царот: »Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите, што беа станале против тебе.«

32А царот го праша Хусија: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Хусиј одговори: »Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломислиници против тебе да се случи истото, што го снајде момчето!«

33Се збрка царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: »Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help