1Во дните на Давида имаше по земјата три години глад, година по година. Давид го праша Господа. И Господ рече: »Тоа е поради Саула и крвничкиот дом негов, поради тоа што ги погуби Гаваонците.«
2Тогаш царот ги повика Гаваонците и зборуваше со нив. Гаваонците не беа од Израилевите синови, туку остатоци од Аморејците, на кои Израиците им беа дале клетва, но Саул сакаше да ги истреби од ревност кон потомците на Израилот и на Јуда.
3И Давид им рече на Гаваонците: »Што да направам за вас и со што да ве задоволам, за да го благословите наследството Господово?«
4Гаваонците му одговорија: »Не ни треба ни сребро, ни злато од Саула, ниту од неговиот дом, не ни треба ни да се убива кој и да било од Израилот.« Тој праша: »А што сакате? Јас ќе направам.«
5Тие му одговорија на царот: »Од оној човек, што нѐ погубуваше и сакаше да нѐ истреби, та да нѐ нема во ниеден од Израилевите предели, –
6од неговите потомци предај ни седум души, и ние ќе ги обесиме среде бел ден пред Господа во Гива, градот на Саула, избраник Господов.« А царот рече: »Ќе ви предадам.«
7Но царот го пожали Мемфивостеја, синот на Јонатана, Саулов син, поради клетвата во името Господово, која беше меѓу нив, меѓу Давида и Сауловиот син Јонатан.
8И царот го зеде Армона и Мефивостеја, двајцата синови на Ресфа, од ќерка на Аија, која му ги беше родила на Саула, и петте синови на Мелхола, Саулова ќерка, што му ги беше родила на Ездрила, син на Мохулатецот Верзелиј,
9и ги предаде во рацете на Гаваонците, и тие ги обесија среде бел ден на гората пред Господа. И загинаа сите тие седум души заедно; тие беа погубени во првите дни на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.
10Тогаш Рисфа, ќерката на Аија, зеде вреќиште, си го посла на онаа гора и седеше од почетокот на жетвата, сѐ додека се излеаја врз нив од небото Божјите води, и не остави да се допрат до нив и птиците небески и ноќе – полските ѕверови.
11И му соопштија на Давида, што направила Ресфа, ќерката на Аија, Саулова наложница. И тие истлеани, ги прибра Дан, синот на Јоја, од потомците на исполините.
12Давид отиде, та ги прибра коските на Саула и коските на синот негов Јонатан од жителите на Јавис Галадски, кои ги беа зеле тајно од плоштадот на Вет-Сан, каде што ги беа обесиле Филистејците, кога Филистејците го убија Саула во Гелвуја.
13Тој ги пренесе оттаму коските на Саула и коските на синот негов Јонатан; и ги собра коските на обесените среде бел ден.
14И ги погреба коските на Саула и на синот негов Јонатан, и коските на обесените среде бел ден во земјата Венијаминова, во Сила, во гробот на татко му Киса. И извршија сѐ, што беше заповедал царот. И потоа Бог се смили над земјата.
15И започна пак војна меѓу Филистејците и Израилците. И излезе Давид и слугите негови со него и војуваа со Филистејците; и Давид се умори.
16Тогаш Јесвеј, еден од Рефаимовите потомци, чие копје тежеше триста сикли бакар и кој беше препашан со нов меч, сакаше да го погуби Давида.
17Но Авеса, Саруевиот син, му помогна, и Авеса го спаси Давида и го удри Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа и рекоа: »Ти нема повеќе да излегуваш со нас во војна, за да не згасне светилото Израилево.«
18Потоа пак имаше војна со Филистејците во Гет; тогаш Совохај го уби Сафута, еден од Рефаимовите потомци.
19Стана и друга битка во Гет; тогаш Елханан, синот на Ариоргима Витлеемецот, го уби Гетецот Голијат, на кого дршката на копјето му беше колку ткаечко кросно.
20Стана уште една битка во Гет; и таму имаше еден крупен човек, исто така од Рефаимовите потомци, со по шест прсти на рацете и на нозете, се дваесет и четири.
21Тој ги навредуваше Израилците; но Јонатан, синот на Сафаја, Давидовиот брат, го уби.
22Тие четворицата беа од родот на Рефаимовиците во Гет, и паднаа од раката на Давида и на слугите негови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.