1Потоа видов четири ангели како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво.
2И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено, да ја растурат земјата и морето, велејќи:
3Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!
4И го чув бројот на одбележаните со печат: сто и четириесет и четири илјади беа одбележани од сите колена на синовите Израилеви.
5Од Јудиното колено со печат одбележани – дванаесет илјади; од Рувимовото колено – дванаесет илјади; од Гадовото колено – дванаесет илјади;
6од Асировото колено – дванаесет илјади; од Нефталимовото колено – дванаесет илјади; од Манасииното колено – дванаесет илјади;
7од Симеоновото колено – дванаесет илјади, од Левииното колено – дванаесет илјади; од Исахаровото колено – дванаесет илјади;
8од Завулоновото колено – дванаесет илјади, од Јосифовото колено – дванаесет илјади; од Венијаминовото колено – дванаесет илјади.
9Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете.
10И воскликнуваа со висок глас, велејќи: »За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!«
11А сите ангели стоеја околу престолот, Старците и четирите животни, и падна ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога,
12велејќи: »Амин! Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!«
13А еден од Старците прозборува и ме праша: »Оние, облеченине во бели облеки, кои се и од каде дошле?«
14А јас му одговорив: »Ти знаеш, господине.« А тој ми рече: »Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот.
15Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив;
16и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето, и никаква горештина;
17бидејќи Агнецот, Кој е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
