1И по месец време дојде Амонитеецот Наас и го опколи Јавис Галадски. И сите јависки жители му рекоа на Наас: »Склучи со нас сојуз, и ние ќе ти служиме!«
2На Амонитеецот Наас им рече: »Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израил.«
3Јависките старешини му рекоа: »Дај ни рок од седум дена, да испратиме пратеници по сите израилски предели, и, ако никој не ни помогне, ќе ти се предадеме.«
4И пратениците дојдоа во Гава Саулова и му ги раскажаа на народот гласно тие зборови; и сиот народ извика и заплака.
5А ете, Саул доаѓаше од нива по воловите свои и рече: »Што станало со народот, та плаче?« И му ги кажаа зборовите на Јависките жители.
6И слезе Духот Божји врз Саула, откако ги чу тие зборови, и силно се разгневи;
7па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израилски предели преку тие пратеници, објавувајќи, дека така ќе биде постапено со воловите на секого, што нема да тргне по Саула и Самуила. И страв Господов падна врз народот, и тргнаа сите како еден човек.
8Саул ги преброи во Везек, и се најдоа синовите Израилеви шестотини илјади и мажи Јудини – седумдесет илјади.
9И им рече на дојдените пратеници: »Вака кажете им на жителите на Јавис Галадски: утре ќе имате помош штом ќе припече сонцето.« И пратениците отидоа и им јавија на јависките жители, и тие се зарадуваа.
10И Јависките жители му рекоа на Наас: »Утре ќе ви се предадеме, и правете со нас што сакате.«
11На следниот ден Саул го раздели народот во три групи, и тие се провлекоа среде логорот по утринската стража и до дневниот припек ги поразија Амонитците; другите Амонитци се распрснаа така, што од нив не останаа ни двајца заедно.
12Тогаш народот му рече на Самуила: »Кои беа тие што рекоа – Та Саул ли ќе царува над нас? – Дајте ги тие луѓе, и ние ќе ги убиеме.«
13Но Саул рече: »Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израилот.«
14И Самуил му рече на народот: »Да одиме во Галгал и таму да го обновиме царството.«
15И сиот народ отиде во Галгал и го поставија таму Саула за цар пред Господа, во Галгал, и принесоа таму благодарствени жртви пред Господа. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израилци.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
