1Јосиј беше на осум години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година; мајка му се викаше Једида, ќерка Едеева, од Васурот.
2Тој го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, во сѐ одеше по патот на татка си Давида и не се отколнуваше ни десно, ни лево.
3Кога беше на осумнаесет години, царот Јосиј го испрати писарот Сафан, син на Езелија, Месоламов син, во домот на Господа, велејќи:
4»Оди при првосвештеникот Хелкија, нека го преброи среброто, донесено во домот на Господа, што го собраа од народот вратарите,
5и нека го дадат во рацете на распоредниците, поставени при храмот Господов, а тие да го потрошат за работниците во домот Господов за поправка на штетите во домот:
6на дрводелците, на каменарите, на ѕидарите и за купување дрва и делкани камења за поправка на домот;
7но да не се бара од нив сметка за среброто, предадено во рацете нивни, бидејќи тие постапуваат чесно.«
8И му кажа првосвештеникот Хелкиј на писарот Сафан: »Јас ја најдов во домот Господов книгата на законот.« И Хелкиј му ја подаде книгата на Сафана, и тој ја читаше.
9Дојде писарот Сафан при царот и му донесе на царот одговор, велејќи: »Твоите слуги го зедоа среброто, најдено во домот, и го предадоа во рацете на распоредниците, поставени при домот Господов.«
10Писарот Сафан му соопшти уште на царот и рече: »Една книга ми даде свештеникот Хелкиј.« И Сафан ја читаше пред царот.
11Кога царот ги чу зборовите од книгана на законот, ја раскина облеката своја.
12Тогаш царот заповеда на свештеникот Хелкиј, на Ахикама, Сафанов син, на Ахвора, Михеев син, на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаиј, велејќи:
13»Одете, прашајте Го Господа за мене, за народот и за цела Јудеја во врска со зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, што се разгорел против нас, поради тоа што нашите татковци не ги послушаа зборовите на таа книга, за да постапуваат според она што ни е заповедано во неа.«
14И отиде свештеникот Хелкиј со Ахикама, Ахвора, Сафана и Асаија при пророчицата Олдама, жена на одеждочуварот Салум, син на Текуја, Арасов син, – а таа живееше во Ерусалим, во вториот дел, – и зборуваа со неа.
15А таа им рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев: кажете му на човекот, што ве испрати при мене:
16вака вели Господ: ќе испратам зло во тоа место и врз жителите негови – сите зборови од книгата, што ги прочита јудејскиот цар.
17Поради тоа што ме оставија и кадат да други богови, за да ме предизвикуваат со сите работи на рацете свои, се разгневи гневот Мој против тоа место, и нема да угасне.
18А на јудејскиот цар, што ве испратил да Го прашате Господа, кажете му: – вака вели Господ, Бог Израилев, за зборовите што ги чу:
19поради тоа што смекна срцете твое, и ти се смири пред Господа, откако го чу ова, што Јас го изреков против тоа место и против жителите негови, дека тие ќе бидат за ужас и проклетство, и ти ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, Јас те чув – вели Господ.
20Поради тоа, еве, Јас ќе те приберам при татковците твои, и ќе бидеш ставен во гробницата своја во мир, и твоите очи нема да ги видат сите тие зла, што ќе ги испратам во тоа место.« И му донесоа на царот одговор.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.