4 Царства 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Царувањето на Амасија во Јудеја. Царувањето на Јеровоама во Израилот.

1Во втората година на Јоаса, синот на израилскиот цар Јоахаз, стана цар Амасиј, син на јудејскиот цар Јоас:

2тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадина, од Ерусалим.

3И го вршеше тој она, што беше угодно пред очите на Господа, но не така, како неговиот татко Давид; тој во сѐ постапуваше како татка си Јоаса.

4Само идолските светилишта не беа урнати: народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта.

5Кога се зацврсти царството во рацете негови, тој ги уби слугите свои, што беа го убиле царот, татко му негов.

6Но децата на убијците не ги уби, зашто е напишано во книгана на Мојсеевиот закон, во која Господ заповеда, велејќи: »Татковците да не бидат казнувани со смрт поради децата, и децата не треба да бидат казнувани со смрт заради татковците, туку секој треба да се казнува со смрт за својот престап.«

7Тој порази десет илјади Идумејци во Солениот Дол, и го зеде градот Села со војна, и му даде име Јоктеил, кое си остана и до денес.

8Тогаш Амасиј испрати пратеници до Јоаса, израилскиот цар, син на Јоахаза, Јујев син, да кажат: »Излези да се видиме лице в лице!«

9Тогаш израилскиот цар Јоас испрати до Амасија, јудејскиот цар, да кажат: »Трнот ливански испратил при кедарот ливански да каже: ‚дај ја ќерката своја за жена на синот мој. Но минале диви ѕверови ливански и го изгазиле тој трн.‘

10Ти ги порази Идумејците, и срцето твое се возгордеа. Превознесувај се и остани во домот свој. Што ти треба да предизвикуваш расправија за зло? Ќе паднеш ти и Јуда со тебе.«

11Но Амасиј не послуша. Тогаш Јоас, царот израилски, излезе, и се видоа лице в лице, тој и Амасиј, царот јудејски, во Ветсамис, што е во Јудеја.

12Јудејците беа разбиени од Израилците, и се разбегаа по шаторите свои.

13Израилскиот цар Јоас го фати во Ветсамис јудејскиот цар Амасија, синот на Јоаса, Охозиев син, дојде во Ерусалим и урна четиристотини лакти од ерусалимскиот ѕид – од Ефремовите порти до Агловите порти.

14И го зеде сето злато и сребро и сите садови, какви што се најдоа во домот Господов и во сокровиштата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија.

15Другите дела на Јоаса, што тој ги изврши, и за неговите јуначки подвизи, и како тој војуваше против јудејскиот цар Амасија, се опишани во летописите на израилските цареви.

16И почина Јоас при татковците свои, и беше погребан во Самарија, при израилските цареви. Место него стана цар синот негов Јеровоам.

17Амасиј, синот Јоасов, цар јудејски, по смртта на Јоахазовиот син Јоас, цар израилски, живееше петнаесет години.

18Другите дела на Амасија се запишани во летописите на јудејските цареви.

19И направија заговор против него во Ерусалим, и тој избега во Лахис. Испратија по него во Лахис, и таму го убија.

20Го донесоа на коњи, и го погребаа во Ерусалим при татковците свои, во Давидовиот град.

21Сиот народ јудејски го зеде Азарија, кој беше на шеснаесет години, и го поставија за цар место неговиот татко Амасиј.

22Тој го изгради Елат и му го врати на Јуда, откако царот, татко му, почина при татковците свои.

23Израилскиот цар Јеровоам, син Јоасов, стана цар во Самарија во петнаесеттата година на јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, и царуваше четириесет и една година.

24И го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа: не отстапуваше од ниеден грев на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот.

25Тој ги установи границите на Израилот од влезот во Емат до пустињското море, според словото на Господа, Бог Израилев, што Он го беше изрекол преку слугата Свој Аматиевиот син Јона, пророк од Гетаховер,

26зашто Господ ја виде неволјата на Израилот, толку горчлива, што немаше ни затворен, ни слободен, што би му бил помошник на Израилот.

27И не сакаше Господ да го искорени името на Израилците под небото, па ги спаси преку раката на Јоасовиот син Јеровоама.

28Другото за Јеровоама и за сѐ, што извршил, и за неговите јуначки подвизи, како војувал и како му го вратил на Израилот Дамаск и Емат, кои беа на Јуда, е опишано во летописите на израилските цареви.

29И почина Јеровоам, при татковците свои, при израилските цареви. А место него стана цар синот негов Захариј.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help