1Вака ми одговори испратениот ангел кај мене, по име Уриел.
2И рече: »Срцето твое отишло многу далеку од овој век, бидејќи настојуваш да го постигнеш патот на Севишниот.«
3Јас одговорив: »Така е, Господару!« А тој ми рече: »Пратен сум да ти покажам три пата и да ти покажам три проблеми.
4Ако ми решиш еден од нив, тогаш јас ќе ти го покажам патот што сакаш да го видиш и ќе те научам од каде произлегло лукавото срце.«
5Тогаш јас му реков: »Говори, Господару!« А тој ми рече: »Појди и иземри ја тежината на огнот или измери го дувањето на ветерот или врати ми го денот што веќе изминал.«
6Јас одговорив: »Кој човек може да го направи тоа што го бараш од мене?«
7А тој ми рече: »Ако би те прашал колку живеалишта има во срцето на морето или колку извори има на почеткот од бездната, или колку жили има над небескиот свод и какви се влезовите на Ад,
8ти можеби ќе ми одговориш: во бездната не сум слегувал, ниту во Адот, а и на небото никогаш не сум се искачил.
9А сега те прашав само за огнот, ветрот и денот што си ги преживеал, без што не можеш, а ти и на тоа не ми одговори.«
10Потоа ми рече: »Ти не можеш да го познаеш ни она што е твое и што било со тебе уште од твојата младост,
11како тогаш твојот сад би можел да го смести во себеси патот на Севишниот и во овој видлив расипан свет – да ја разбере расипаноста, која е видлива само за мене?«
12На тоа јас реков: »Подобро ќе беше сосема да нѐ немаше, отколку да живееме во беззаконија и да страдаме без да знаеме зошто страдаме.«
13А тој, одговарајќи ми рече: »Еве, јас отидов во честарот на едно поле и ги најдов дрвјата како се договараат.
14Тие рекоа: ајде да му објавиме војна на морето, за да отстапи од нас и таму да насадиме други горички.
15Исто така: и морските бранови имаа совет, тие рекоа: ајде да востанеме и да ги завладееме шумите во полето, за да придобиеме и таму друго место.
16Но планот на шумата се покажа залуден, зашто дојде огнот и таа изгоре.
17Така заврши и замислата на морските бранови, зашто песокот застана пред нив и ги задржа.
18А ти, ако им беше судија: кого ќе го оправдаше и кого ќе го обвинеше?«
19Јас одговорив: »Навистина нивните замисли биле попусти, затоа на шумата ѝ е дадена земјата, а и на морето му е дадено неговото место, за да ги разнесува своите бранови.«
20А тој ми одговори и рече: »Право просуди, а зошто вака не си просудуваш и за самиот себеси?
21Зашто, како земјата што ѝ е дадена на шумата, а морето што им е дадено на морските бранови, така и жителите на земјата можат да го разберат само она што е на земјата, а жителите на небото можат да го разберат она што е во небесните височини.«
22Јас одговорив и реков: »Ти се молам, Господи, нека ми биде даден ум, за да можам да разбирам.
23Не сакам да Те прашувам за она што е горе, туку за она што станува кај нас секој ден: зошто Израел им е предаден за подбивање на незнабошците? Зошто народот, кој го возљуби, е предаден на безбожни племиња, и зошто законот на нашите татковци е доведен до распаѓање, а напишаните наредби никаде ги нема?
24Низ овој живот минуваме како скакулци, животот наш поминува во страв и ужас и станавме недојстојни да ја наследиме Твојата милосрдност.
25Но што ќе направи Тој со Своето име, со кое се именуваме? Еве, тоа е она за кое прашав.«
26А тој ми одговори и рече: »Што повеќе прашуваш, се повеќе ќе се чудиш, зашто овој век брзо се приближува кон својот крај,
27и не може да го прими она што им е ветено на праведниците во идните времиња, зашто овој век е преполн со неправда и слабости.
28А за она што ме праша, ќе ти одговорам: злото е посеано, а уште не дошло времето за неговото искоренување.
29Зашто додека посеаното не биде искоренето и додека не се исчисти местото, на кое е посеано злото, нема да има место, на кое ќе биде посеано доброто.
30Бидејќи семето на злото е посеано во срцето на Адам уште од почетокот и колку многу зло роди тоа досега и ќе раѓа додека не дојде време за вршидба!
31Размисли колку лоши плодови роди зрното на лошото семе.
32Кога ќе бидат ожнеани безбројните негови класја, колку големо гумно ќе треба!«
33Јас го прашав: »А како и кога ќе биде тоа? И зошто нашите години се малку и зошто се полни со зло?«
34Тој ми одговори: »Не брзај да се издигнуваш погоре од Севишниот, зашто попусто брзаш да бидеш погоре од Него; ти одиш премногу далеку.
35Зар и душите на праведниците не прашуваат во своите затвори, велејќи: до кога ќе се надеваме вака? И кога ќе дојде плодот на жетвата – на нашата отплата?«
36На тоа ми одговори архангелот Јеремиел, велејќи: »Кога ќе се исполни бројот на семињата во вас, зашто Севишниот го измерил овој век,
37со мерка ги измерил времињата и со број ги пресметал часовите; и нема ни да се поколеба ниту да се возбуди додека не се исполни одредената мерка.«
38А јас како одговор на ова му реков: »Владетелу Господи, но и сите ние сме исполнети со нечесност.
39И можеби поради нас не се исполнуваат житниците на праведниците и поради гревовите на оние што живеат на земјава.«
40Тој ми одговори и рече: »Појди и прашај бремена жена; можно ли е да го задржи плодот што е во неа по наполнувањето на деветтиот месец?«
41Јас одговорив: »Не може, Господи.« Тогаш Тој ми рече: »Слични на утробата се и живеалиштата на душите во Адот.
42Како што родилката брза да роди, за да се избави од родилните болки, така брзаат и тие – да го вратат она што им е дадено.
43Најнапред ќе ти биде покажано она што сакаш да го видиш.«
44А јас реков: »Ако сум придобил благодат во твоите очи, ако тоа е можно и ако сум способен за тоа,
45покажи ми го она што треба да дојде, дали е поголемо од она што изминало, како и она што било дали е поголемо од она што ќе биде?
46Она што изминало, знам какво е, а она што ќе дојде – за него не знам.«
47Тој ми рече: »Застани од мојата десна страна; значењето на ова ќе ти го објаснам со споредба.«
48Јас застанав и видов: ете, запалена печка минува пред мене, и кога пламенот измина, видов – остана дим.
49потоа пред мене помина облак, полн со вода, и од него се изли силен дожд; но откако поројниот дожд престана, останаа капки.
50Тогаш тој ми рече: »Размисли во себеси, како дождот што е нешто повеќе од капки, и огнот – нешто повеќе од дим, така и мерката на минатото зела надмоќност, па останале само капки и дим.«
51Тогаш јас го замилив и му реков: »Мислиш ли дека ќе доживеам до тие дни и што ќе стане во тие денови?«
52А тој ми одговори и ми рече: »За знаците, за кои ме прашуваш, нешто можам да ти кажам, но не сум пратен да говорам со тебе за твојот живот, а и не знам.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.