1Горгиј зеде пет илјади пешаци и илјада одбрани коњаници и војската појде во ноќта,
2за да ја нападне војската јудејска и да ги убие ненадејно; а оние што живееја во тврдината, му служеа како водачи.
3Јуда слушна и излезе сам со неговите храбри војници, за да ја разбие царската војска во Емаус,
4додека непријателите беа далеку од логорот.
5А Горгиј дојде преку ноќта во логорот на Јуда и не најде никого, па почна да ги бара по ридиштата, велејќи: »Тие бегаат од нас.«
6Штом се зазори, се појави Јуда во рамнината со три илјади војници, но тие немаа ни штитови, ни мечеви, како што посакуваа.
7Кога го видоа логорот на безбожниците и нивната силно вооружена војска, окружена со коњица, обучена за војна,
8Јуда им рече на луѓето што беа со него: »Не плашете се од нивното множество и од нападот нивни не плашете се.
9Спомнете си како се спасија нашите татковци во Црвеното Море кога Фараонот ги гонеше со својата војска.
10Да извикаме сега кон Бога и можеби ќе се смилува на нас, ќе си спомни за заветот со нашите татковци и оваа војска ќе ја уништи пред нашето лице;
11тогаш сите незнабошци ќе разберат дека Израилот има свој Избавител и Спасител.«
12тогаш туѓинците ги подигнаа своите очи и ги видоа дека доаѓаат против нив,
13па излегоа од логорот, за да се борат, а оние што беа со Јуда затрубија,
14и ја започнаа битката; незнабошците беа разбиени и се разбегаа кон рамнината,
15сите други паднаа од меч; ги гонеа до Газер и до рамнините на Идумеја, Азот и Јамнија, и од нив паднаа до три илјади војници.
16Тогаш Јуда се врати од прогонувањето, на чие чело се наоѓаше,
17а на народот му рече: »Не лакомете се за плен, зашто уште една војна нѐ чека;
18Горгиј и неговата војска се во ридиштата близу до нас; сега дочекајте ги нашите непријатели и смело борете се против нив, а потоа без страв собирајте плен!«
19Додека Јуда уште говореше, се појави една група, која слегуваше од ридот.
20И виде тој дека ги принудија да бегаат и дека логорот го горат; димот што се издигаше покажуваше што станало.
21Кога го видоа тоа, многу се уплашија; и, гледајќи ја војската на Јуда во рамнината, подготвена за борба,
22сите избегаа во Филистејската земја.
23Јуда се врати да го ограби нивниот логор; зедоа многу злато и сребро, многу сини и црвени облеки и друго големо богатство.
24Кога се враќаа, Го благословуваа небесниот Бог, зашто е благ и милостив низ векови.
25Тој ден Израел доби големо спасение.
26Оние, пак, од непријателите што успеаја да избегаат, дојдоа кај Лисиј и му раскажаа за сѐ што станало.
27А тој, кога слушна, многу се вознемири, падна во голем очај зашто на Израел не му се случи она што тој го посакуваше и она што му заповеда царот.
28Затоа наредната година собра Лисиј шеесет илјади одбрани пешаци и пет илјади коњаници, за да ги победи Израилците.
29Тие дојдоа во Идумеја и поставија логори во Бетсур, а Јуда тргна против нив со десет илјади војници.
30Кога ја виде таа голема војска, тој вака се молеше: »Благословен си, Спасителе на Израел, Ти, Кој го скрши нападот од силниот со раката на Твојот слуга Давид и ја предаде филистејската војска во рацете на Саул, синот на Јонатан и неговиот штитоносец,
31предај му ја и оваа војска во рацете на Твојот народ – Израел и нека се посрамат во својата сила и во својата коњица;
32испрати им страв и скрши им ја довербата во нивната сила; нека се поколебаат со поразот свој;
33собори ги со мечот на оние што Те љубат, со песни нека Те прославуваат сите што го знаат Твоето име.«
34Започна борбата; од војската на Лисиј паднаа околу пет илјади луѓе.
35Лисиј, откако виде како бега неговата војска и се увери во храброста на Јудините војници, спремни или да живеат или јуначки да умрат, тој тргна кон Антиохија, па собра туѓинци, и, штом ја засили својата некогашна војска, намисли повторно да ја нападне Јудеја.
36А Јуда и неговите браќа рекоа: »Нашите непријатели се победени, ајде да одиме горе и да го очистиме и обновиме Светилиштето.«
37Тогаш се собра целата војска и се искачи на гората Сион.
38Светилиштето го најдоа опустошено, жртвеникот осквернет, вратите изгорени, а во тремовите, како во некоја гора беа израснале растенија; ризниците, пак, урнати.
39Ги раскинаа своите облеки, плачеа горко и своите глави со пепел ги посипаа,
40паднаа ничкум, дадоа знак со своите труби и повикаа кон небото.
41Тогаш Јуда определи војници, кои ќе војуваат против оние што се наоѓаа во тврдината, додека тој не го очисти Светилиштето.
42Потоа избра непорочни свештеници, кои беа верни на Законот.
43Тие го очистија Светилиштето, а осквернетите камења го однесоа на нечисто место.
44А потоа размислуваа за тоа како да постапат со осквернетиот жртвеник.
45Им дојде добра мисла – да го урнат, та никогаш да не им биде за срам, бидејќи тој беше осквернет од незнабошци. И така го урнаа:
46камењата ги ставија на погодно место во храмовата шума, додека дојде пророк и каже што да се направи со нив,
47па, според Законот, зедоа цели камења и изградија нов жртвеник – според пораниешниот.
48Потоа ги уредија светињата, внатрешните делови на храмот и тремовите;
49направија свештени садови, внесоа свеќник во храмот, жртвеник за сепаленица, жртвеник за темјан и трпеза;
50го покадија олтарот со темјан, ги запалија кандилата на светилникот и го осветлија храмот;
51на трпезата ставија лебови, ги закачија завесите и ги завршија сите работи што ги презедоа.
52Во дваесет и петтиот ден, во деветтиот месец Хаслев, во сто четириесет и осмата година, станаа многу рано,
53и принесоа жртва според законот врз ново – изградениот жртвеник за сепаленици.
54Во денот, во кој незнабошците го беа оскверниле жртвеникот, тој беше обновен со песни, цитри, гусли и кимвали.
55Сиот народ падна ничкум, се молеше и Му благодареше на Оној, Кој им помогна.
56Осум дена го прославуваа обновувањето на жртвеникот и принесуваа жртви сепаленици, жртви за спасение и за благодарност.
57Предната страна на храмот ја украсија со златни венци и со штитови, ги обновија вратите на влезот, а ги направија и вратите на ризниците.
58И настана голема радост во народот и се избриша срамот што му го нанесоа незнабошците.
59Јуда, неговите браќа и сите Израелци одлучија деновите на обновувањето на жртеникот, секоја година да се празнуваат со веселба и со радост – секоја година по осум дена, од дваесеттиот ден на месецот Хаслев.
60Тогаш изградија високи ѕидови околу гората Сион и укрепени кули, за да не ја осквернат незнабошците, ако некогаш дојдат, како порано.
61И Јуда ја постави таму својата војска да ја чува гората Сион и со нејзина помош ја утврдија Бет-сур, за да има народот тврдина против Идумеја.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.