Мудрост Сирахова 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Смиреноста и вистината.

1Мудриот владетел народот свој го учи; владеењето на разумниот добро е уредено.

2Каков е народниот владетел, такви се и неговите помошници, а какви се градските управници – такви се и жителите на градот.

3Неразумниот цар народот свој го упропастува; градот се издигнува со мудроста на своите старешини.

4Власта над земјата е во раката на Господа; Тој потребниот човек навреме над неа го издигнува.

5Напредокот на човекот е во раката на Господа; врз закониците Бог ја покажува славата Своја.

6За секаква навреда не гневи се на ближниот свој, и не прави никаква неправда.

7Горделивоста е одвратна и за Бога и за луѓето; неправдата е омразна и за обајцата.

8Власта преминува од еден народ на друг поради неправди, навреди и користољубивост.

9Зошто се гордеат правот и пепелта –

10кога уште додека се живи утробата им е нечиста?

11Долгата болест го вознемирува лекарот;

12оној што денес е цар, утре ќе умре.

13Човекот кога умира станува плен на влекачите, ѕверовите и црвите.

14Почетокот на гордоста е оддалечувањето од Господа, кога срцето на човекот ќе отстапи од Создателот негов;

15горделивоста е почеток и на гревот; кој ќе ѝ се предаде, ќе изблуе одвратност.

16Затоа Господ го казнува со страшни казни и наполно го уништува.

17Господ урива престоли на силни; на нивното место кротки издигнува.

18Ги откорнал Господ горделивите, на нивно место ги насадил смирените.

19Господ ги опустошува земјите пагански и ги разурнува до темел.

20Некои од нив ги раселил и уништил, со тоа го избришал споменот на нив.

21Гордоста за луѓето не е создадена, ниту гневот бесен – за породот на жената.

22Кој род е достоен за чест? Човечкиот. Кој род е достоен за чест? Оној, што страв Господен има.

23Кој род презир заслужува? Човечкиот. Кој род презир заслужува? – Оној што законот го погазува.

24Чест има најстариот меѓу браќата; така и оној што има страв Господен – пред Божјите очи чест има.

25И богатиот, и благородниот и сиромавиот – пофалба им е стравот Господен.

26Разумен сиромав не треба да се презира – а грешник не треба да се прославува.

27Властелинот, судијата и владетелот достојни се за чест; но поголем нема од оној што има страв од Господа.

28На мудриот роб слободни ќе му служат; разумниот, поучуван од него, нема да негодува.

29Кога работиш, не мудрувај многу, а кога си во неволја – не фали се.

30Подобар е оној којшто работи и живее во изобилство, од оној којшто не работи и се фали, а има потреба од леб.

31Синко, со кротост прославувај ја душата своја и почитувај ја според нејзиното достоинство.

32Кој ќе го оправда оној што греши против својата душа? Кој ќе го пофали оној што самиот се осрамотува?

33Сиромавиот го почитуваат поради неговата разумност, а богатиот – поради богатството негово.

34А почитуваниот во сиромаштија, колку ли повеќе ќе биде почитуван кога ќе биде богат? И неславниот во богатство, колку ли понеславен ќе биде во сиромаштијата!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help