Исус Навин 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Жртвеник крај Јордан.

1Тогаш Исус го повика Рувимовото и Гадовото племе и Манасиевото полуплеме и им рече:

2»Вие чувте сѐ, што ви беше заповедано од Мојсеја, слугата Господов, и ги послушавте сите мои зборови во сѐ, што ви заповедав;

3вие не ги напуштавте браќата свои во текот на многуте денови и ги запазивте заповедите на Господа, вашиот Бог.

4Сега Господ, вашиот Бог, ги успокои вашите браќа, како што им беше говорел; и така, вратете се и одете во домовите ваши, во земјата на вашето наследство, што ви ја даде Мојсеј, слугата Господов, од онаа страна на Јордан;

5само пазете грижливо да ги исполнувате заповедите и законот, што ви го даде Мојсеј, слугата Господов: да Го сакате Господа, вашиот Бог, да одите по сите Негови патишта, да ги пазите заповедите Негови, да се приврзувате кон Него и да Му служите со сето срце ваши и со сета душа ваша.«

6Потоа Исус ги благослови и ги отпушти и тие се разотидоа по домовите свои.

7На едната половина од Манасиевото племе Мојсеј ѝ даде во Васан, а на другата половина Исус ѝ даде дел со браќата нивни во Јордан кон морето. И кога Исус ги отпушти во домовите нивни и ги благослови,

8со големото богатство се вратија во домовите свои, со многу многу добиток, со сребро, со злато, со бакар и со железо, и со големо множество облека; и го разделија пленот земен од непријателите со браќата свои.

9Тогаш синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево се вратија и тргнаа од синовите Израилеви од Силом, кој што е во Хананската земја, за да си одат во земјата Галад, во земјата на наследството свое, што го добија по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја.

10Кога дојдоа во околината на Јордан, во Хананската земја, синовите Рувимови и синовите Гадови, и полуплемето Манасиево изградија таму, крај Јордан, еден жртвеник, жртвеник голем на изглед.

11И слушнаа Израилевите синови дека се зборува: »Ете, синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево изградиле жртвеник во Хананската земја, во Галилот крај Јордан, наспроти Израилевите синови.«

12Штом го чуја тоа Израилевите синови, со собра целото општество на синовите Израилеви во Силом за да одат во војна против нив.

13Најнапред синовите Израилеви го испратија кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во Галадската земја Финес, синот на свештеникот Елеазар,

14и со него десет кнезови, по еден кнез од домовите на татковците од сите Израилеви племиња; секој од нив беше војвода во илјадниците Израилеви.

15И тие дојдоа кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во земјата Галад и им рекоа, велејќи:

16»Еве што вели целото општество Господово: каков престап сте направиле пред Господа, Израилевиот Бог, со тоа што сте отстапиле сега од Господа, Израилевиот Бог, сте си подигнале жртвеник и отстапивте сега од Господа?

17Зар мал ви беше гревот Фогоров, од кого не сме се очистиле ни до ден денес и поради него дојде пораз врз општеството Господово?

18А вие денес отстапувате од Господа! Денес станувате против Господа, а утре Господ ќе се разгневи на целото општество Израилево.

19Ако, пак, земјата на вашето наследство ви е мала, поминете сите во земјата Господова, во која се наоѓа скинијата Господова, земете дел меѓу нас, но не станувајте против Господа, нити против нас станувајте, градејќи си друг жртвеник, освен жртвеникот на Господа, нашиот Бог;

20зар Ахан, синот Зарин, не изврши ли самиот престап, земајќи од заколнатото, а гневот падна врз целото општество Израилево? Не умре само тој поради беззаконието свое.«

21И одговорија на тоа синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево и им рекоа на војводите Израилеви:

22»Господ Бог на боговите, Господ е Бог Господ, Он знае, и Израилот нека знае! Ако отстапуваме од Господа, Господ нека не нѐ поштеди овој ден!

23Ако сме изградиле жртвеник, за да отстапиме од Господа, нашиот Бог, или за да принесуваме на него сепалиници или да принесуваме на него жртви за спасение, самиот Господ нека суди!

24Но за добро го направивме ние тоа, за да не им речат утре вашите синови на нашите синови: ‚Што имате вие со Господа, Израилевиот Бог?‘

25Господ го одреди Јордан за граница меѓу нас и вас, синовите Рувимови и синовите Гадови, вие немате дел во Господа. Така синовите ваши ќе ги отуѓат нашите синови да не Му служат на Господа.

26Затоа рековме: да си подигнеме жртвеник не заради приноси ниту заради жртви,

27туку за да биде тој меѓу вас и нас, меѓу нашите родови по нас, сведок, дека ние можеме да Му служиме на Господа пред нив со наши приноси, и со наши жртви и со наши жртви за спасение и за да ни им речат утре вашите синови на нашите синови: ‚вие немате дел во Господа.‘

28Па си рековме: ако така ни кажат нам и на нашите родови по нас, ние ќе им речеме: ‚Видете ја сличноста на жртвеникот Господов, што го направиле нашите татковци, на заради приноси ниту заради жртви, туку за да биде сведок меѓу вас и нас и меѓу синовите наши.‘

29Далеку сме од мислата, да отстапиме од Господа, и да се одвратиме од Господа, и да ѕидаме жртвеник за приноси, жртви за грев и жртви за спасение, освен пред жртвеникот на Господа, нашиот Бог, кој е пред скинијата Негова.«

30Свештеникот Финес, сите кнезови на општеството и војводите на илјадниците Израилеви, што беа со нив, кога ги ислушаа зборовите, што ги рекоа Рувимовите синови, Гадовите синови и Манасиевите синови ги одобрија.

31И Елеазаровиот син, свештеникот Финес, им рече на синовите Рувимови, на синовите Гадови, и на полуплемето Манасиево: »Денес познавме, дека Господ е со нас, дека вие со тоа не сте извршиле пред Господ престап, но дека сте ги избавиле синовите Израилеви од раката Господова.«

32Тогаш Елеазаровиот син, свештеникот Финес, и кнезовите народни се вратија од синовите Рувимови и од синовите Гадови и од племето Манасиево во Хананската земја кај синовите Израилеви и им донесоа одговор.

33И на Израилевите синови тоа им беше угодно, па Го благословија синовите Израилеви Бога и рекоа дека нема да војуваат против нив, и да ја разорат земјата, во која живеат синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево.

34И Рувимовите синови и Гадовите синови и полуплемето Манасиево го нарекоа тој жртвеник Ед, зашто, рекоа тие, тој е сведок меѓу нив, дека Господ Бог е нивни Бог.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help