1А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, правете и вие онака, како што уредив по црквите во Галатија:
2во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.
3А кога ќе дојдам, оние што ќе ги предложите, нив со писма ќе ги испратам, за да ја однесат вашата милостиња во Ерусалим.
4Ако, пак, се најде за сходно да отидам и јас, тогаш ќе појдат со мене.
5Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија.
6А можеби при вас и ќе се задржам, па дури и да презимувам, та вие да ме придружувате насекаде, каде што ќе одам.
7Оти не сакам сега веќе да ве видам само патем; а се надевам, ако позволи Господ, меѓу вас да поминам некое време.
8А во Ефес ќе останам до Педесетница,
9зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противниците се многу.
10Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто тој го врши делото Господово како и јас.
11Никој да не го унизи, туку испратете го со мир, та да дојде при мене, оти го очекувам со браќата.
12А што се однесува до братот Аполос, многу го молев да дојде при вас со браќата; но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе му биде згодно.
13Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки;
14кај вас сѐ да станува со љубов.
15Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите.
16Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди!
17Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство,
18зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите!
19Ве поздравуваат азиските цркви; многу ве поздравуваат Акила и Прискила со својата домашна црква.
20Ве поздравуваат сите браќа. Поздравете се еден со друг со свет целив!
21Ве поздравувам јас, Павле, своерачно.
22А оној што не Го љуби Господа Исуса Христа, нека биде проклет, маран-ата.
23Благодатта на Господа Исуса Христа нека биде со вас,
24и љубовта моја со сите вас во Христа Исуса. Амин!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
