2 Летописи 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Завршувањето на изградбата и победа над непријателите.

1Откако, изминаа дваесет години, во кое време Соломон го градеше домот Господов и својот дом,

2Соломон ги изгради и градовите, што му ги беше дал Хирам, и ги всели во нив синовите Израилеви.

3Потоа отиде Соломон против Емат-Сува и го презеде.

4Го изгради Тедмор во пустињата и сите градови за житници, какви што направи во Емат.

5Го изгради Горни Веторон и Долни Веторон, градови утврдени со ѕидишта, порти и резиња,

6и Валат и сите градови за складови, во кои Соломон имаше житници, сите градови за коли и градови за коњица, и сѐ што сакаше да изгради Соломон во Ерусалим и во Ливан и по целата земја на своето владение.

7Сите луѓе, останати од Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, што не беа од синовите Израилеви, –

8децата нивни, останати по нив на земјата, кои синовите Израилеви не ги беа истребиле – Соломон ги потчини и принуди да плаќаат данок дури и до денес.

9А синовите Израилеви Соломон што не ги направи слуги за свои работи, тие беа војници и поглавари над војводите негови и заповедници на колите и коњицата негова.

10Главните настојници, што управуваа со народот при царот Соломон, беа двесте и педесет.

11Соломон ја пренесе ќерката Фараонова од Давидовиот град во домот, што го изгради за неа, зашто, велеше тој, жена не смее да живее при мене во домот на Израилевиот цар Давида, бидејќи домот е осветен: во него е влезен ковчегот Господов.

12Тогаш Соломон почна да Му принесува сепаленици на Господа на жртвеникот Господов, што беше го изградил пред тремот,

13за принесување сепаленици, според наредбите секој ден, како што беше заповедал Мојсеј, во саботите и во новомесечијата и во празниците трипати во годината: во празникот на Бесквасници, во празникот на Седмици и во празникот Сеници.

14И ги установи, според распоредот на татка си Давида, смените и свештениците според службата нивна, на левитите според стражите нивни, за да славословат и да служат при свештениците според уставот за секој ден, и на вратарите според смените нивни, при секоја врата, бидејќи таква беше заповедта на Давида, Божјиот човек.

15И не отстапуваа од царевите заповеди за свештениците и за левитите во ништо, ниту пак за ризницата.

16Така беше уредено целото дело на Соломона од денот, кога се основа домот Господов, до целосното завршување негово.

17Тогаш отиде Соломон во Гасион-Гавер и во Елат, што е на морскиот брег, во земјата Идумејска.

18И Хирам му испрати по свои слуги кораби и слуги, што го знаеја морето, и тие отидоа со слугите Соломонови во Офир, од каде што изнесоа четиристотини и педесет таланти злато, и му го донесоа на царот Соломон.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help