1И почина Јосафат при татковците свои и беше погребан со татковците свои во Давидовиот град. Место него цар стана синот негов Јорам.
2Неговите браќа, синови Јосафатови беа: Азарија, Јехиил, Захарија, Михаил и Сафатија; сите тие беа синови на Израилевиот цар Јосафат.
3Нивниот татко им даде големи подароци во сребро, злато и скапоцености, заедно со утврдените градови во Јудеја, а царството му го предаде на Јорама, бидејќи тој беше првороден.
4Јорам стапи на татковиот престол, се утврди и ги уби со меч сите свои браќа, а исто така и некои Израилеви кнезови;
5Јорам беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим осум години;
6тој одеше по патот на израилските цареви, како што постапуваше домот Ахавов, зашто Ахавовата ќерка му беше жена, – и го вршеше, она што беше неугодно пред очите Господови.
7Но Господ, пак, не сакаше да го погуби домот Давидов поради заветот, што го беше склучил со Давида, и поради тоа што беше ветил да му даде светилник нему и на синовите негови за сите времиња.
8Во неговите дни Едом се одметна од власта Јудина и си постави цар.
9Затоа Јорам тргна со своите војводи, и со сите коли свои; и станувајќи ноќе, го порази Едома, кого го беа опколиле, и началниците на колите и народот избега во живеалиштата свои.
10Но сепак Едом се одвои од власта на Јуда и до денес. Во исто време се одметна и Ливна од власта негова, зашто го беше оставил Господа Бога на татковците свои.
11Исто така и идолски светилишта направи по горите јудејски, ги воведе во блудство ерусалимските жители и ја соблазни Јудеја.
12И му дојде писмо од пророкот Илија, во кое се велеше: »Вака говори Господ, Бог на татка ти Давида: ‚затоа што не тргна по патиштата на татка си Јосафата и по патиштата на Аса, царот јудејски,
13туку појде по патот на израилските цареви и ги воведе во блудство Јудеја и ерусалимските жители, како што го воведуваше во блудство домот Ахавов, па уште и браќата свои, домот на татка си, кои беа подобри од тебе, ти ги умртви.
14Затоа, еве, Господ ќе го порази со голем пораз твојот народ и синовите твои, и жените твои, и целиот имот твој,
15а, пак, тебе, со лута болест, со болеста на цревата, така што од болеста ќе паѓаат делови од утробата од ден на ден.‘«
16И го подигна Господ против Јорама духот на Филистејците и Арапите, соседи на Етиопјаните;
17и тие се кренаа против Јудеја, навлегоа во неа и го ограбија сиот имот, што беше во домот на царот, а исто така и синовите негови, и жените негови, та не му остана друг син, освен Охозија, најмалиот од синовите негови.
18По сето тоа Господ ги порази цревата негови со болест неизлечива.
19Така одеше одден наден, а кон крајот на втората година му паднаа цревата од болеста негова и тој умре во страшни маки; и народот не запали за него благопријатни мириси како што правеше за татковците негови;
20тој беше на триесет и две години, кога стана цар, царуваше во Ерусалим осум години, и отиде неоплакан; го погребаа во Давидовиот град, но не во царските гробници.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.