2 Царства 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовите пребројувања на народот се казнија.

1Гневот Господов пак се разгори против Израилците и го поттикнаа меѓу нив Давида да рече: »Оди, преброј го Израилот и Јуда.«

2И царот му кажа на војводата Јоав, кој беше при него: »Обиколи ги сите племиња Израилеви и Јудини од Дан до Вирсавија, и пребројте го народот, за да знам, колку народ има.«

3Јоав му рече на царот: »Господ, Бог твој, да го умножи народот толку, колку што е, и уште стократно толку, и очите на господарот мој царот да го видат тоа; но зошто мојот цар – господар го бара тоа сега?«

4Но царскиот збор кон Јоава и воените началници надвладеа. И Јоав заедно со воените началници излезе од царот да го поребројува Израилскиот народ,

5Тие го минаа Јордан и се здржаа во Ароир, десно од градот, што е среде долината Гад и Елиезер,

6и дојдоа во Галад и во земјата Тахтим – Ходиш; и стигнаа во Гавастан и Истан и го заобиколија Сидон;

7дојдоа во Тирската тврдина и во сите хевејски и хананејски градови, излегоа на југ од Јудеја, во Вирсавија,

8ја обиколија целата земја и стигнаа во Ерусалим по девет месеци и дваесет дена.

9Јоав му го предаде на царот списокот за народното пребројување; и излезе, дека Израилци имаше осумстотини илјади мажи, силни, способни за војна, а Јудејци – петстотини илјади.

10И откако Давид го преброи народот, срцето му затрепка. И му рече Давид на Господа: »Тешко згрешив, што постапив така; и сега Ти се молам, Господи, прости му го гревот на Твојот слуга, зашто јас постапив многу неразумно.«

11Кога Давид стана на другиот ден изутрина, би слово Господово кон пророкот Гад, Давидов јасновидец:

12»Оди и кажи му на Давида: вака вели Господ: три казни ти предлагам; одбери се една од нив, што ќе се исполни над тебе.«

13И дојди Гад при Давида, му соопшти и рече: »Одбери си, глад ли да биде во земјата твоја седум години, или три месеци да бегаш од непријателите свои, и тие да те гонат, или, пак, три дни да владее помор во твојата земја? Сега размисли и реши, што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати.«

14Давид му одговори на Гад: »Многу ми е тешко; но нека паднам во рацете на Господа, зашто големо е Неговото милосрдие; само да не паднам во човечки раце.« И Давид избра помор во времето на пченичната жетва.

15И испрати Господ помор врз Израилците од утрината до определеното време. И помор почна во народот и умреа од народот, од Дан до Вирсавија, седумдесет илјади души.

16И Ангел Божји ја испружи раката своја над Ерусалим, за да го опустоши; но Господ се покаја за злото и му кажа на Ангелот, кој го поразуваше народот: »Доста, сега спушти ја раката своја.« А Божјиот Ангел тогаш беше при гумното на Евусеецот Орна.

17Кога Давид го виде Ангелот, кој што го поразуваше народот, Му рече на Господа, велејќи: »Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом.«

18И во тој ден дојде Гад при Давида и рече: »Оди изгради му жртвеник на Господа врз гумното на Евусеецот Орна.«

19Тогаш Давид отиде според зборот на пророкот Гад, како што беше заповедал Господ.

20Орна погледна и виде, дека царот и слугите негови доаѓаат при него; излезе Орна и му се поклони на царот ничкум до земја.

21Орна праша: »Зошто дошол мојот цар – господар при својот слуга?« Давид му одговори »Да го купам од тебе гумното, за да изградам жртвеник на Господа, та да престане поморот во народот.«

22Орна му рече на Давида: »Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, и колата и уредите за впрегнување на воловите – за дрва.

23Сето тоа, царе, Орна му го дава на царот.« Орна му кажа уште на царот: »Господ, твојот Бог, нека биде милостив кон тебе!«

24Но царот му рече на Орна: »Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господа, мојот Бог, жртва, земена како дар.« И Давид го купи гумното и воловите за педесет сикли сребро.

25Давид изгради таму жртвеник на Господа и принесе сепаленици и мирни жртви. Подоцна Соломон го прошири жртвеникот, бидејќи беше мал. И Госопод се смилостиви над земјата и поморот кај Израилците престана.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help