1 Ездра 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Царот Дариј наредува храмот да се доврши.

1Тогаш царот Дариј издаде заповед, и бараа во Вавилон и во книжницата, каде што ги ставаа вредностите.

2И најдоа во Екбатан, во дворецот, кој е во областа Мидија, еден свиок, и во него беше напишано вака: »Да се помни:

3во првите години на царот Кир, царот Кир издаде заповед за домот Господов во Ерусалим: да се гради дом на она место, каде што принесуваат жртви, и нека му се постават здрави темели; висината негова – шеесет лакти, ширината негова – шеесет лакти;

4три реда големи камења, еден ред дрвја; а трошоците нека се плаќаат од царскиот дом.

5Уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени, што Навуходоносор ги изнесол од ерусалимскиот храм и ги однел во Вавилон, нека се вратат и однесат во ерусалимскиот храм и да бидат наместени во Божјиот дом, секој на свое место.

6Затоа, Татанај, задречен и Сатај-Вузанај, со другарите свои Афарсакејци од зад реката, – отстранете се оттаму!

7Не запирајте ја работата на Божјиот дом; јудејскиот кнез и јудејските старешини нека го градат оној Божји дом на местото негово.

8И од мене се дава заповед, со што треба да им помагате на тие старешини јудејски во градбата на овој дом Божји, односно: од царскиот имот – од данокот на задречната земја, давајќи им на тие луѓе, за да не се запира работата;

9и колку што треба – телиња ли, овни или јагниња за сепаленици на Бога небесен, исто така и пченица, сол, вино и масло, според она како што ќе кажат свештениците ерусалимски, нека им се дава секој ден без прекин,

10та да принесуваат благопријатни жртви на Бога небесен, и да се молат за животот на царот и синовите негови.

11Заповедам уште – кој човек ќе ја измени оваа наредба, да извадат греда од куќата негова, да го издигнат и приковаат на неа, а куќата негова поради тоа да се претвори во урнатини.

12И Бог, Чие име престојува таму, да го собори секој цар и народ, што ќе протегне рака да го измени ова за штета на тој дом Божји во Ерусалим. Јас, Дариј, ја дадов оваа заповед; да биде точно исполнувана!«

13Тогаш Татанај, задрениот кнез, Сатар-Вузанај и другарите нивни, постапуваа точно онака, како што заповеда царот Дариј.

14И Јудејските старешини градеа и успеваа според пророштвото на пророкот Агеј И Захарија, синот на Ада. Изградија и завршија според волјата на Бога Израилев и според волјата на Кира, Дарија и Артаксеркса, цареви персиски.

15Завршен беше овој дом на третиот ден од месец Адар, во шестата година од царувањето на царот Дарија.

16И синовите Израилеви, свештениците, левитите и други, што се беа вратиле од пленство, со радост го извршија осветувањето на тој Божји дом.

17И принесоа на осветувањето на тој Божји дом: сто вола, двесте овни, четиристотини јагниња и дванаесет кози како жртва за грев и за целиот Израил, според бројот на колената Израилеви.

18И поставија свештеници според чиновите нивни и левити според родовите нивни за Божја служба во Ерусалим, како што беше заповедано во книгата Мојсеева.

19Потоа вратените од пленство прославија Пасха во четиринаесеттиот ден на првиот месец,

20зашто свештениците и левитите се беа очистиле, – тие сите до еден беа чисти; и заклаа пасхални јагниња за сите вратени од пленство, за своите браќа свештеници и за себеси.

21И јадеа синовите Израилеви, што се беа вратиле од преселувањето, и сите, што се беа откажале од нечистотијата на земните народи, за да прибегнат кон Господа, Бога Израилев.

22А го празнуваа со радост и празникот бесквасници седум дена, зашто Господ ги зарадува и го сврти кон нив срцето на асирскиот цар, за да ги поткрепи рацете нивни при градењето на домот на Господа, Бог Израилев.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help