1Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: »Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море.
2Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам.
3Господ ги ништи војните; името Му е Господ.
4Колите Фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море.
5Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините како камен.
6Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила; десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот.
7И со величието на славата Твоја Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе, Ти го изли гневот Свој, и тој ги изгоре како слама.
8Од здивот на гневот Твој водите се расцепија, водите се издигнаа како бедем; среде морето брановите се затврднаа.
9Непријателот рече: ‚Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе го господари раката моја.‘
10Ти дувна со здивот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во силните води.
11Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чудеса?
12Ти ја пружи десницата Своја – а земјата ги голтна.
13Според милоста Твоја го водеше народот, кого Ти го избави, и го утешуваше со силата Своја, водејќи го во живеалиштето на Светоста Твоја.
14Народите ќе чујат и ќе се вознемират: ужас ќе ги опфати жителите на земјата Филистејска.
15Тогаш ќе побрзаат и поглаварите едомски, страв и трепет ќе ги обзема кнезовите моавски, ќе се уплашат сите жители ханански.
16Нека ги опфати страв и ужас; од силата на раката Твоја нека онемеат како камен, додека не помине народот Твој, Господи, додека не помине народот овој Твој, кого со го придобил.
17Одведи го и смести го во планините, наследството Твое, во место, кое Ти, Господи, си го приготвил за живеалиште Свое, во светилиштето создадено со рацете Твој, Господи!
18Господ ќе царува секогаш и во вечност.
19Кога коњите Фараонови со колите негови и со коњаниците негови влегоа во морето, Господ ги поврати врз нив водите морски: а синовите Израилеви поминаа по суво среде море.«
20И пророчицата Маријам, сестрата Аронова, зеде тимпан во раката своја, а по неа излегоа сите жени со тимпани и во хор.
21И запеа Маријам пред нив: »Пејте Му на Господа, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот в море ги фрли.«
22Потоа ги изведе Мојсеј синовите Израилеви од Црвеното Море, и тие се упатија во пустињата Сур; и одејќи низ пустињата три дена не најдоа вода за пиење.
23Дојдоа во Мера, но не можеа да пијат вода во Мера, зашто беше горчлива; затоа и го нерекоа тоа место Мера.
24Тогаш народот почна да вика против Мојсеја, велејќи: »Што ќе пиеме?«
25Извика Мојсеј кон Господа, и Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка. Таму му даде наредби и закони, и таму го подложи на испитание.
26И му рече: »Ако го послушаш добро гласот на Господа твојот Бог, ако правиш, што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови, ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, Бог твој целител.«
27Потоа стигнаа во Елим; таму имаше дванаесет извори и седумдесет палми; и сите се утаборија тука крај водите.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.