1Одговори Јов и рече:
2»О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го бев ставил на терезија страдањето мое!
3Тие навистина би биле потешки од морскиот песок! Затоа зборовите ми се жестоки.
4Стрелите на Вседржителот се во моето тело; духот мој го пие отровот нивни; ужасите Божји се управија против мене.
5Рика ли див осел при трева? Мука ли бик над крмата своја?
6Се јаде ли блуткавото без сол и има ли вкус белката од јајцето?
7До она до кое душата моја не сакаше да се допре, тоа ми е сега храна во болеста.
8О, да се беше остварела желбата моја, и Бог да го исполнеше очекувањето мое!
9О, да сакаше Бог да ме сотре, да ме млатнеше со раката Своја и да ме истребеше!
10Тоа би ми била вистинска утеха, иако горам од мојата безмилосна болест, бидејќи не се откажав од зборовите на Светиот.
11Колку ми е силата, та да се надевам на себе самиот? И каков е крајот, та да го продолжувам животот мој?
12Камена сила ли е силата моја? И од бакар ли е телото мое?
13Има ли во мене помош за мене, има ли за мене некоја поткрепа?
14Кој одбива милост кон ближниот свој – ако тој не престанал да се бои од Севишниот Бог.
15Но моите браќа ме напуштија, како безводни потоци и како бранови ме одминаа
16Како снег и мраз што се топат од толина и не се познава што имало.
17Во време сушно тие намалуваат, а во време на жеги исчезнуваат од местата свои.
18Го менуваат правецот на патиштата свои, навлегуваат во пустињата и се губат;
19погледнуваат кон нив патниците од Темна, им се надеваат на оние што одеа во Сева,
20но остануваат посрамени во својата надеж: одат таму и црвенеат од срам.
21Така сте и вие сега спрема мене: видовте страотија и се исплашивте.
22Ви рекова ли: дајте ми, или подајте ми нешто од вашиот вишок;
23избавете ме од раката душманска, откупете ме од раката на мачителите?
24Научете ме, и јас ќе замолчам, покажете ми во што сум згрешил.
25Колку се силни искрените зборови! Но што кажуваат вашите прекори?
26Мислите ли зборовите мои да ги изобличите? Во ветар ги фрлате зборовите ваши?
27Го напаѓате сиромавиот и му копате јама на пријателот свој.
28Но, ве молам, погледнете ме: зборувам ли лага пред вашето лице?
29Разгледајте по правда? – јас сум исправен.
30Има ли во јазикот мој неправда? Зар грлото мое не може да го разликува лошото?«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
