Броеви 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Змија од бакар. Победата над Сион и Ор.

1Еден од хананските цареви, – царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу, дека Израилот доаѓа по патот од кај Атарим, стапи во борба против Израилците и зароби неколкумина од нив.

2и се заветува Израилот пред Господа, и рече: »Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе ги истребам градовите нивни, ќе ги уништам.«

3Господ го чу гласот на Израилот и ги предаде Хананејците во рацете негови, и тој победи и градовите негови ги опусти, и тоа место го нарече: запустение.

4Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата на Едом. И по патот народот падна со духот;

5и возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: »Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?«

6и испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите Израилеви.

7И дојде народот при Мојсеја и рече: »Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.« И Мојсеј Му се помоли на Господа за народот.

8И му рече Господ на Мојсеј: »Направи бакарна змија и закачи ја на знамето како знак, и ако касне некого змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив.«

9И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на знамето како знак, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, остануваше жив.

10И тргнаа синовите Израилеви и се задржаа во Овот;

11се кренаа и од Овот, и застанаа во Ахалгеј, спроти пустињата Моав, која е на исток.

12Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Заред;

13оттука, кога тргнаа, се задржаа во оној дел од страната на Арнон, кој тече од пределите на Амореја, бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и Амореја.

14Затоа и е речено во книгата за војните Господови: »го уништи Зоов, и потокот Арнон.

15И по потокот ја изгради населбата Ир, која му припаѓа на Моав.«

16Оттука тргнаа кон еден извор, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеја: »собери го народот и ќе им дадам вода.«

17Тогаш Израилот ја запеа песната: »извирај, кладенец!

18Пејте за кладенецот што го ископаа кнезовите, а народните водачи заедно со законодавецот го разрушија со жезлата свои.« И од кладенецот тргнаа кон Мантанаил.

19Од Мантанаил во Наадил, од Наадил, во Вамот,

20а од Вамот за Напин, кој е во Моавската земја, од пресечениот врв, свртен со лицето кон пустињата.

21И ги прати Мојсеј пратениците при Сион, аморејскиот цар, со предлог за мир, и да му кажат:

22»Дозволи ни да минеме преку твојата земја; ќе одиме по патот, нема да навлегуваме ни во селата, ни во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, а ќе одиме по царскиот пат, додека да ги минеме пределите твои.«

23Но Сион не му дозволи на Израила да мине преку пределите негови; и го собра Сион целиот свој народ и излезе против Израилот во пустињата, и стигна до Јасан и се судри со Израилот.

24И го порази Израил со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи Јазир е амонитски предел.

25И ги зазеде Израил сите тие градови, и се насели Израилот во сите аморејски градови, во Есевон и во сите нему потчинети;

26зашто Есевон беше град на аморејскиот цар Сион, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова од Ароир дури до Арнон.

27Затоа велат писателите: дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот Сион;

28бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сионов и изгоре дури до Моав и ги проголта столбовите арнаитски.

29Тешко тебе, Моаве, изгинаа луѓето Хамосови, синовите негови ги заробија, и ќерките му станаа робинки на аморејскиот цар Сион.

30И семето нивно се затре од Есевон дури до Девон, и жените нивни, кои изгореа од оган кај Моав.

31И се насели Израилот во Аморејската земја.

32И испрати Мојсеј да го разгледаат Фазир, па го зазедоа него и селата негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму.

33Тогаш се повратија и појдоа кон Васан. И излезе против нив васанскиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едраин.

34И му рече Господ на Мојсеја: »Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.«

35И го порази него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана жив; и ја наследија земјата негова.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help