1Кој ја сака поуката, го сака и знаењето; а кој го мрази изобличувањето – неразумен е.
2Добриот добива благодат од Господа, а на подмолниот Он ќе му суди.
3Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен.
4Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови.
5Помислете на праведните се правда, а плановите на нечестивите – подмолност.
6Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува.
7Каде и да се свртат нечестивите – исчезнуваат, а домот на праведните останува.
8Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен.
9Подобро и прост, но да работиш за себеси, отколку да се фалиш, а да немаш леб.
10Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на грешникот е жестоко.
11Кој ја обработува земјата своја ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, е малоумен. Кому му е драго да губи време по вино, тој ќе остави во куќата своја безчестие.
12Желбите на грешниците се зли; но корењата на праведниците се силни.
13Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа. Кој гледа кротко, ќе биде помилуван, а кој оди кон вратата, стеснува други.
14Од плодот на устата своја човекот се наситува добро, и на човека му се дава според делата на рацете негови.
15Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар.
16Глупавиот веднаш ќе го покаже гревот свој, а благоразумниот го покрива срамот.
17Кој го кажува она, што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок, говори измама.
18Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува.
19Праведната уста сведочи право, а лажливиот јазик е брз за измама.
20Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците – радост.
21Праведниот нема да го достаса никакво зло, а нечесните ќе бидат преполни со зло.
22Лажливата уста е одвратност пред Господа, а којшто говори вистина, благоугоден Му е Нему.
23Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите ја разгласува својата лудост.
24Раката на избраните ќе господари, а на лажливите ќе биде во плен.
25Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува.
26Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечесните ги води во заблуда.
27Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство.
28По патот на правдата има живот, а во нејзината патека нема смрт.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
