Броеви 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Закон за назореите. Благослов за Израилот.

1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ако маж или жена вети да Му се посвети на Господа, да даде завет за да се очисти со Господовата чистота,

3тој треба да се воздржува од вино и од сикер, и од вински оцет, и од оцет од сикер, и не смее да пие ништо приготвено од грозје, а не смее да јаде ни свежо, ниту суво грозје;

4во сите денови на својот завет тој не смее да јаде и да пие ништо, што е приготвено од грозје, – од семките до лушпите.

5Во сите денови на неговиот завет за очистување брич не смее да ја допира главата негова; додека да минат деновите, во кои Му се посветил на Господа, тој е свет; треба да остави слободна да расте косата на неговата глава.

6Во сите денови, во кои Му се посветил на Господа, тој не смее да се доближува до мртво тело;

7тој не смее да се осквернува ни со допир до таткото свој и мајката своја, до братот свој и сестрата своја, кога ќе умрат, зашто заветот на Бога е врз главата негова;

8во сите денови на неговиот завет нека биде свет пред Господа.

9Ако некој кај него умре некој ненадејно, и со тоа се оскверни главата на неговиот завет, да ја истриже главата своја во денот на своето очистување, на седмиот ден да ја истриже,

10а во осмиот ден да му однесе на свештеникот при влезот од скинијата на сведоштвото две грлици или два млада гулаба.

11Свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и да се помоли за него за она во што се осквернил и да ја посвети главата негова во тој ден; во тој ден ќе се освети во Господа, во деновите на неговиот завет,

12а тој одново треба да ги почне на Господа посветените денови според својот завет и да принесе едногодишно јагне како жртва за престап; поранешните, пак, денови да не се сметаат, зашто главата му беше осквернета.

13И тоа е законот за оној што сака да освети, и во оној ден кога ќе завршат деновите за заветот негов, тој сам треба да принесе пред влезот од скинијата на сведоштвото,

14приведувајќи Му дар на Господа едно едногодишно машко јагне без недостаток за сепаленица, и едно женско јагне без недостаток како жртва за грев и еден овен без недостаток како жртва за спасение,

15и кошница со лебови без квас од пченично брашно, и лебови месени со елеј, и лебови помазани со елеј, и жртва за нив и за преливање.

16И свешетникот да го донесе тоа пред Господа и да принесе жртва за грев и сепаленица за него;

17овенот да Му го принесе на Господа како жртва за спасение заедно со кошницата бесквасни лебови; исто така свештеникот да го принесе лебот и преливот за него.

18А при влезот од скинијата на сведоштвото ветениот да ја истриже својата посветена глава, и да ја стави косата од својата посветена глава на огнот, што е под жртвата за спасение.

19И да земе свештеникот една сварена плешка од овенот, еден бесквасен леб од кошницата и еден леб и да ги стави во рацете на ветениот, откако тој ќе ја истриже својата глава;

20и да го издигне тоа свештеникот, нишајќи го пред Господа; тоа е светиња за свештеникот заедно со нишканите приноси и издигнатата плешка. Потоа назореот може да пие вино.

21Тоа е законот за ветениот, кој што ветил да Му даде дар на Господа за неговиот завет, освен она, што не е во состојба да даде: според законот за очистување.«

22И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

23»Кажи му на Арона и на синовите негови: така да го благословувате синовите Израилеви и говорете им:

24‚да те благослови Господ и да те чува!

25да погледна милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице на тебе и да те помилува;

26да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!‘

27Така да го спомнувате името Мое над синовите Израилеви, и Јас, Господ ќе ги благословам.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help