1Потоа дојдоа сите војводи и Јоанан, синот на Кареја, и Језаниј, синот Осаин, и сиот народ, од мало до големо.
2и му рекоа на пророкот Јеремија: »Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи,
3па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.«
4И им рече пророкот Јеремија: »Ве чув, ќе Му се молам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.«
5Тие му рекоа на Јеремија: »Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа, дека ние ќе направиме сѐ, што твојот Господ ќе заповеда за нас;
6добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ние ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, при Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господа, нашиот Бог.«
7По десет дни би слово Господово до Јеремија.
8Тој го повика при себе Јоанана, синот Кареев, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо,
9па им рече: вака вели Господ, Бог Израилев, – до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба
10ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за бедата, што ви ја направив.
11Не бојте се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака.
12И ќе покажам милост спрема вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.
13Ако, пак, речете: »не сакаме да живееме во оваа земја« и не го послушате гласот на Господа, вашиот Бог, велејќи –
14»не, туку ќе отидеме во земјата Египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме«,
15тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: »ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите,
16тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве постигне таму, во земјата Египетска, и гладот, од кого се боевте, секогаше ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете.
17И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од бедата што ќе ја пратам врз нив.
18Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место.
19Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте, дека ви сведочам јас.
20Оти вие згрешивте против самите себеси – вие ме пративте пред Господа, нашиот Бог, и ми рековте: помоли се за нас на Господа, нашиот Бог, а сѐ што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме.
21И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господа, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Он до вас.
22Па така, знајте, дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место, каде што сакате да појдете, за да живеете таму.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.