Второзаконие 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Добиената земја е дар Божји.

1»И се свртивме оттаму и појдовме кон Васан, и васанскиот цар Ог излезе во борба против нас со целиот свој народ, при Едраим.

2И ми рече Господ: ‚Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во раката твоја него и целиот народ негов и целата земја негова, и ти ќе направиш со него така, како што направи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.‘

3И Господ, Бог наш, ни го предаде во рацете наши и Ог, царот васански, и целиот народ негов; и го разбивме него, така што од него не остана никој жив.

4Тогаш му ги презедовма сите градови негови, па не остана град, што не бевме го презеле од нив; шеесет градови, целата област Аргов во царството на Ог васански.

5Сите тие градови беа утврдени со високи ѕидови, порти и довратници, освен многуте ферезејски градови.

6И ние ги поразивме, како што направивме со Сиона, царот есевонски, уништувајќи ги сите градови заедно со жените и децата;

7а целиот добиток и пленот од градовите го разграбивме.

8И во тоа врема ја презадовме од рацете на двајцата цареви аморејски земјата од онаа половина на Јордан, од потокот Арнон дури до планината Аермон,

9– Финикијците го викаат Ермон-Сирион, а Аморејците го нарекуваат Сенир.

10Сите градови во рамнината, целиот Галад и целиот Васан до Салха и Едраим, беа градови од царството на Ог васански;

11зашто само васанскиот цар Ог остануваше од Рафаините. Ете, одарот му беше железен одар, и сега е во приградието на Амоновите синови: долг девет лакти, а широк – четири лакти, машки лакти.

12И тогаш ја наследивма таа земја, почнувајќи од Ароир, кој е устие на потокот Арнон; а половината од планината Галад со градовите му ја предадов на Рувимовото и Гадовото племе.

13остатокот, пак, од Галад и целиот Васан, царството на Ог, му го предадовме половината на Манасиевото племе, целата област Аргов, со цел Васан. Таа земја се нарече Рафаинска.

14Јаир, Манасиевиот син, ја презеде целата област Аргов, дури до пределите Гаргасински, и Махатински, и ги нарече Јаирови села, според своето име, како што се викаат и до ден денес.

15На Махир му го дадов Галад;

16а на племето Рувимово и Гадово им дадов од Галад дури до потокот Аронон, земјата меѓу потокот и пределот, до потокот Јавок, пределот на Амоновите синови,

17исто така и Арав, и Јордан, предел од Маханерет дури до морето арабиско, до Соленото Море, под Асидот – Фазга од исток.

18Тогаш и ви заповедав, велејќи: ‚Господ, Бог ваш, ви ја даде таа земја со жреб; сите способни за војна, откако ќе се вооружите, појдете пред браќата ваши, Израилевите синови;

19само жените ваши, децата ваши и добитокот ваш, (бидејќи знам, оти имате многу добиток), нека останат во градовите ваши, што ви ги дадов,

20додека Господ Бог не им даде покој на вашите браќа, како и вам, и додека и тие на ја наследат и таа земја, кој Господ, Бог ваш, им ја дава од онаа страна на Јордан; тогаш вратете се секој во своето наследство, што ви го дадов.‘

21А на Иисуса му заповедав во она време, велејќи: ‚Очите ваши видоа сѐ, што Господ, Бог ваш, им направи на тие двајца цареви; исто ќе направи Господ и со сите царства, преку кои ќе минуваш.

22Не плашете се од нив, зашто Господ, Бог наш, Сам се бори за нас,‘

23И Му се помолив на Господа во она време, велејќи:

24‚Господи, Боже, Ти почна да го покажуваш на слугата Свој величието Свое и силата Своја и цврстата рака Своја и високата мишка Своја; па има ли некој бог на небото или на земјата, кој би можел да прави такви дела, како Твоите, и со таква моќ, како што е Твојата?

25Дај ми да минам и да ја видам онаа прекрасна гора и Анти – Ливан.‘

26Но Господ ме презре заради вас и не ме послуша, и ми рече Господ: ‚Доста, во иднина да не ми говориш повеќе за тоа;

27искачи се на врвот на гората и крени ги очите кон морето и кон север, кој југ и кон исток, погледни со очите, зашто нема да го минеш Јордан;

28упати го Иисуса, поткрепи го и утеши го: зашто тој ќе го предводи овој народ и тој ќе им го раздели наследството на целата земја, на која ти ќе погледнеш.‘

29И се задржавме во долината близу до домот на Фогор.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help