1Дигни се, светлеј се Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе.
2Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе.
3И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите – кон светлината што изгрева над тебе.
4Крени ги очите и погледај наоколу: сите тие се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат.
5Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе се сврти кон тебе, имотот на народите ќе дојде при тебе.
6Множество камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадаим и Ефа; сите тие ќе дојдат од Сава, ќе донесат злато и темјан и ќе ја објавуваат славата Господова.
7Сите кидарски стада ќе бидат собрани при тебе; овните навајотски ќе ти послужат: ќе излезат на жртвеникот Мој како благоугодна жртва, а Јас ќе го прославам домот на Мојата слава.
8Кои се тие што летаа како облаци, и како гулаби – кон гулабарниците свои?
9Така, Мене Ме чекаат островите и пред нив – тарсиските кораби, за да ги пренесат синовите твои оддалеку и со нив – сребро нивно и злато нивно, во името на Господа, твојот Бог, и на Светецот Израилев, зашто Он те прослави.
10Тогаш синовите на другоземци ќе ги градат ѕидовите твои, и нивните цареви – ќе ти служат; зашто во гневот Свој те поразував, но во благоволението Свое ќе бидам милостив кон тебе.
11Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затвораат ни дење, ни ноќе, за да се принесува при тебе имотот на народите и да се доведуваат нивните цареви.
12Зашто народот и царствата, кои нема да сакаат да ти служат, ќе загинат, и а таквите народи сосема ќе бидат истребени.
13Славата на Ливан ќе дојде при тебе со кипарис, бор и кедар заедно, за да го украси местото на Моето светилиште, – а Јас ќе го прославам подножјето на нозете Свои.
14И ќе дојдат при тебе со покорност синовите на оние, што те измачуваа, ќе ти се клањаат пред нозете твои сите што те презираа; ќе те наречат град на Господа, Сион на Светецот Израилев.
15Затоа што беше изоставен и намразен, така што никој не минуваше преку тебе, – Јас ќе те направам вечна слава, и радост од род во род.
16Ти ќе се наситуваш од млекото на народите, и ќе смукаш од царски гради, и ќе познаеш дека Јас, Господ, сум твој Спасител и твој Искупител, Силниот Јаковов.
17Место бакар ќе ти испраќам злато, место железо – сребро, и место дрво – бакар, а место камења – железо; и ќе го поставам мирот за твој управител и правдата – за твои надзорници.
18Нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување – во пределите твои; и ѕидовите свои ќе ги нарекуваш спасение и портите свои – слава.
19Нема повеќе сонцето да ти биде видело на денот, ниту сјајот на месечината – ќе ти свети; Господ ќе ти биде вечна светлина, и твојот Бог – твоја слава.
20Нема да заоѓа веќе твоето сонце, ниту твојата месечина ќе се потемнува, зашто Господ ќе ти беде вечна светлина; ќе се свршат дните на твоето тагување.
21И сиот народ твој ќе биде праведен, засекогаш ќе ја наследи земјата, – фиданка од она што сум го посадил, дела на рацете Мои, за Мое прославување.
22Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот – силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.