1По извесно време умре амонитскиот цар, и место него стана цар синот негов Анон.
2И Давид рече: »Ќе покажам милост кон Анона, Наасовиот син, за добрината, што ми ја направи татко му негов.« Па ги испрати Давид слугите свои да го утешат Амона поради татка му. И давидовите слуги отидоа во Амонитската земја.
3Но амонитските кнезови му рекоа на господарот свој Анона: »Зар мислиш, дека Давид од почит кон татка ти испратил при тебе утешители? Да не ги испратил Давид слугите свои при тебе, за да го прегледаат градот и да видат во него сѐ и сешто, па да го сосипат?«
4И Анон ги фати Давидовите слуги и на секого од нив му ја избричи половината од брадата и им ги потсече алиштата на половина, до крстот и ги пушти.
5Кога му јавија за тоа на Давида, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа многу обезличени. И царот заповеда да им кажат: »Останете во Јерихон додека ви порастат брадите, и тогаш вратете се.«
6Видоа Амонитите, дека станаа намразени кај Давида; па испратија Амонитите да најмат Сиријци од Вет-Рехов и Сиријци од Сува – дваесет илјади пешаци, од амаликијскиот цар Мах – илјада души и од Ист-Тов дванаесет илјади души.
7Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета храбра војска.
8Излегоа Амонитите и се распоредија за борба при портите, а Сиријците од Сува и Рехов, а Ист-Тов и Мах се задржаа одделно во полето.
9Кога виде Јоав, дека непријателската војска се распоредила спроти него и отспреди и одзади, избра војници од сите одбрани Израилци, и ги распореди против Сиријците;
10а другиот дел од луѓето му ги довери на братот свој Авеса, за да ги нареди против Амонитите.
11Тогаш рече Јоав: »Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ти ќе ми помогнеш; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти дојдам на помош;
12биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ ќе го направи она, што Му е угодно.«
13и влезе Јоав и народот, што беше со него, во борба против Сиријците, и тие избегаа од него.
14Амонитите, пак, кога видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа од Авеса и влегоа во градот. И Јоав се врати од Амонитите и дојде во Ерусалим.
15Сиријците, штом видоа дека Израилците ги поразија, се собраа сите наедно.
16И Адраазар испрати, та ги повика Сиријците, што беа од онаа страна на реката Халемак, и, ете, дојдоа до Елам; а Совак, Адраазаровиот војвода, ги предводеше.
17Кога му јавија за тоа на Давида, тој ги свика сите Израилци, го премина Јордан и стигна до Елам. Сиријците се распоредија против Давида и се судрија со него.
18Сиријците избегаа од Израилците, Давид истреби седумстотини сириски коли и четириесет илјади коњаници, го порази и војводата Совак, кој и умре таму.
19Кога сите потчинети цареви на Адраазара видоа дека Израилците ги поразија, склучија со Ираилците мир и им се покорија. И Сиријците веќе се плашеа да им помагаат на Амонитите.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.