1Кога Мардохеј дозна за сѐ што се вршеше, ја раскина облеката, стави врз себе вреќиште и пепел, излезе среде градот и викаше силно и со горчливост: »Се истребува народ во ништо необвинет.«
2И дојде до царската порта и запре, бидејќи не можеше да влезе со вреќиште и со пепел.
3Исто така и во секоја област и место, каде и да пристигнеше заповедта на царот и повелбата негова, настануваше голема тага кај Јудејците и пост и плачење и викање; вреќиштата и попелта им служеа како постале на мнозина.
4Дојдоа слугинките и дворјаните на Естира и ѝ раскажаа сѐ; царицата силно се возбуди. Таа испрати облека, да го преоблечат Мардохеја и да го симне од себе вреќиштето. Но тој не ги прими.
5Тогаш Естира го повика Атаха, еден од евнусите на царот, кого тој го беше одредил при неа, и го испрати кај Мардохеја да дознае: што значи тоа и зашто е?
6Атах отиде кај Мардохеја на градскиот плоштад, што беше пред царската порта.
7Мардохеј му раскажа за сѐ, што се беше случило со него, и за определеното количество сребро, што Аман го беше ветил да го одмери во царската ризница, за да бидат истребени Јудејците;
8и му врачи препис од повелбата, објавена во Суза, за истребувањето нивно, за да ѝ ја покаже на Естира, та таа да дознае за си; притоа ѝ порача да отиде при царот и да му се моли за својот народ, спомнувајќи ги дните на својата сиромаштија, кога таа се воспитуваше под моја рака – зашто Аман, втор до царот, нѐ осуди на смрт – и да Го повика Господа и да му каже за нас на царот, да нѐ избави од смртта.
9Атах дојде и ѝ ги предаде на Естира Мардохеевите зборови.
10И му рече Естира на Атаха, испраќајќи го, да му каже на Мардохеја:
11»Сите слуги при царот и народите во царските области знаат, дека секој, бил тој маж или жена, што ќе влезе при царот од внатрешниот двор, а да не е повикан, го очекува еден суд – смрт; само оној, кон кого царот ќе го пружи својот златен жезал, останува жив. А јас не сум повикана при царот еве веќе триесет дена.«
12И му ги предадоа на Мардохеја зборовите на Естира.
13Мардохеј во одговор ѝ рече на Естира: »Не мисли, дека ти единствена од сите Јудејци ќе се спасиш во царскиот дом.
14Аки ти премолчиш во ова време, тоа слободата и спасението на Јудејците ќе дојде од друго место, а ти и домот на таткото твој ќе загинете. И кој знае, дали токму за вакво време не си достигнала царско достоинство?«
15А Естира му одговори на Мардохеја, велејќи:
16»Оди, собери ги сите Јудејци, што се наоѓаат во Суза, и постете за мене, и не јадете, ниту пијте три дена, ни дење ни ноќе, и јас со слугинките свои исто така ќе постам и потоа ќе одам при царот, иако е тоа и против законот, па ако загинам – нека загинам.«
17Тогаш отиде Мардохеј и направи, како што му порача Естира. Вака Му се молеше тој на Господа, спомнувајќи си за сите Господови дела и велеше:
»Господи, Господи, Царе Седржителу! Сите се во Твоја власт и нема, кој да Ти се противи, кога ќе посакаш да го спасиш Израилот:
Ти си ги создал небото и земјата, и сѐ што е чудно под небото; Ти си Господ на сите, и нема таков кој би се противел на Тебе, на Господа.
Ти знаеш сѐ; Ти знаеш Господи, дека не поради навреда и не поради гордост, не поради слава јас го вршев тоа, што не му се поклонував на горделивиот Аман, зашто јас доброволно би му ги бакнувал стапките на нозете негови за спасение на Израилот;
но јас го правев тоа, за да не му воздадам на човек слава поголема од Божјата слава и да не му се поклонувам никому, освен на Тебе, мојот Господ; јас не го правам ова од гордост.
И сега, Господи, Боже, Царе, Боже Авраамов, поштеди го Твојот народ; зашто ни кројат гибел и сакаат да го истребат Твоето исконско наследство; не презри го Твоето достоинство, кое Ти го избави за Себеси од Египетската земја;
чуј ја мојата молитва и смилостиви се над Твоето наследство и претвори ја тагата наша во веселба, та, така живеејќи, да Го воспеваме Твоето име, Господи. Не ги погубувај устите, кои Те прославуваат, Господи!« –
и сите Изразилци викаа со сета сила, зашто нивната смрт беше пред очите нивни.
И царицата Естира се оддаде на Господа, обземена од смртна горчина, и, откако ја соблече облеката на славата своја, облече облека за жал и тага и, место со скапоцени масла, ја посипа со пепел и прав главата своја и многу многу го истошти телото свое, и секое место, украсувано во веселите нејзини дни, го покри со распуштената своја коса, Му се молеше на Господа, Бога Израилев, велејќи:
»Господи мој! Ти единсетвен си наш Цар; помогни ми мене, која сум сама и немам помошник, освен Тебе! Зашто мојата неволја е близу до мене.
Сум слушала, Господи, од таткото мој во моето родно колено, дека Ти, Господи, Си го избрал Израилот од сите народи, и нашите татковци – од сите нивни предедовци, за вечни наследници, и си го извршил за нив она, за кое си им говорел.
Сега ние згрешивме пред Тебе, и Ти нѐ предаде во рацете на нашите непријатели, затоа што ги славевме нивните богови: праведен си Ти, Господи!
Но сега тие не се задоволија со нашето горчливо ропство, туку ги ставија рацете свои во рацете на своите идоли, за да ја уништат заповедта на Твојата уста, да ги истребат Твоите наследници, да им ја затнат устата на оние, кои Те воспеваат, за да ја угаснат славата на Твојот храм и на Твојот жртвеник,
да им ја отворат устата на народите за прославување на лажните богови, и плотскиот цар да се велича довека.
Не предавај го Господи, Твојот жезал на непосточки богови, и нека не се радуваат на нашето паѓање, а сврти ја намерата нивна врз нив самите, и клеветникот против нас – предај го на срам!
Спомни си, Господи, јави ни се нам во времето на жалоста наша и дај ми машкост. Царе над боговите и Владико на секое началство, подари ѝ на устата моја благопријатен збор пред тој лав и исполни го срцето негово со омраза кон оној, што ни прогонува, за гибел негова и на неговите истомисленици;
нас, пак, избави ни преку Твојата рака и помогни ми мене, која сум сама и нема помошник, освен Тебе, Господи!
Ти си знаеш, Ти знаеш дека ја мразам славата на беззакониците и се гнасам од леглото на необрезаните и од секој другоплемени;
Ти знаеш дека јас сум принудена да се гнасам од знакот на мојата гордост, кој стои на главата моја, кога се појавувам, – се гнасам од него како од облека, извалкана со крв, и не го носам во дните што ми припаѓаа само мене. И Твојата слугинка не вкусила од трпезата на Амана и не ги цени многу царските гозби, не пие идоложртвено вино и не се весели Твојата слугинка од денот, откога се измени мојата судбина до денес, освен за Тебе, Господи, Боже Авраамов, Боже, Кој имаш сила над сите, чуј го гласот на безнадежните и спаси нѐ од рацете на оние, што кројат зло, и спаси ме од мојот страв!«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.