Ппророк Језекиил 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Гревови ерусалимски.

1И би слово Господово до мене:

2»А ти, сине човечки, сакаш ли да судиш, да го судиш крвавиот град? Искажи му ги сите негови гадотии.

3И кажи – вака вели Господ Бог: – О, граде, кој проливаш крв среде себе, за да дојде времето твое, и кој си правиш идоли, за да се осквернуваш,

4со крвта, што си ја пролеал, се обвинуваш, и со идолите, што си ги направил, се осквернуваш себеси, се приближија деновите твои и достигна времето твое. Затоа ќе те предадам за потсмев на народите, за поруга на сите земји.

5Твоите блиски и твоите далечни ќе ти се смеат, зашто го оскверни името свое и се прочу со беззаконијата свои.

6Ете, началниците Израилеви, секој според силите свои, што беа кај тебе, решија крв да пролеваат.

7При тебе татко и мајка хулат, придојден навредуваат среде тебе, сирак и вдовица измачуваат во тебе,

8светињите Мои не го почитуваш и саботите Мои ги нарушуваш.

9При тебе има клеветници, крв што пролеваат и по планините јадат идолски жртви, среде тебе вршат гадотии.

10Кај тебе ја откриваат голотијата на татка си, изнасилуваат жени во времето, кога тие се чистат од нечистотиите свои.

11Еден врши осквернување со жената на блискиот свој, друг ја осквернува снаата своја, трет ја напаѓа сестрата своја, ќерката на таткото свој.

12Кај тебе се зема поткуп, за да се пролева крв; ти земаш лихва и дарови и со сила изнудуваш добра од ближниот свој, а Мене Ме заборави, вели Господ Бог.

13И ете, Јас плеснав со рацете за твоето користољубие, што се разоткрива кај тебе, и за крвнината, кој се извршува кај тебе.

14Ќе устои ли твоето срце, ќе бидат ли цврсти рацете твои во деновите, кога ќе дејствувам против тебе? Јас, Господ, велам – и ќе извршам.

15Ќе те распрснам меѓу народите, ќе те развеам по земјите и ќе ставам крај на твоите гадотии кај тебе.

16И сам ќе си направиш за да бидеш презрен пред очите на народите, па ќе познаеш, дека Јас сум Господ.«

17И би слово Господово до мене:

18»Сине човечки, домот Израилев стана во мене згура: тие сите се калај, бакар, железо и олово во печка; станаа како сребрена згура.

19Затоа, така вели Господ Бог: ‚Бидејќи сите вие станавте згура, затоа, еве, Јас ќе ве соберам во Ерусалим.

20Како што во печка ги ставаат заедно среброто, бакарот, железото, оловото и калајот, за да раздуваат врз нив оган и да ги растопат, така во гневот Свој и во јароста Своја ќе ве кутнам, ќе ве ставам и ќе ве растопам.

21Ќе ве соберам и ќе дувнам врз вас оган од Моето негодување и ќе се растопите во него;

22како среброто што се топи во печката, така ќе се растопите и вие и ќе познаете, дека Јас сум Господ, Кој ја излева јароста Своја врз вас.‘«

23И би слово Господово до мене:

24Сине човечки, кажи му: »Ти си земја неисчистена, не поливана со дожд во гневен ден.«

25Пророците нејзини се согласија како лав што рика, кој го раскинува пленот; тие јадат души, одземаат имоти и драгоцености и со тоа го умножуваат бројот на вдовиците.

26Свештениците нејзини го нарушуваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив.

27Кнезовите нејзини се како волци, кои грабаат плен, проливаат крв, погубуваат души, за да продобијат корист.

28А пророците нејзини сѐ замачкуваат со кал, гледаат суета и им претскажуваат лага, велејќи: »така вели Господ Бог«, иако Господ не рекол така.

29А меѓу народот се угнетуваат еден со друг, грабаат и присилуваат беден и сиромав, и неправедно угнетуваат придојден.

30Јас барав кај нив човек, врз кого ќе ставам темел, за да застане пред Мене во падот поради оваа земја да не ја загубам, но не најдов.

31Па затоа, ќе го излеам врз нив Моето негодување, со огнот на Мојата јарост ќе ги истребам, нивното лошо однесување ќе го свртам на главите нивни, вели Господ Бог.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help